Глобалниот пазар на меморија влегува во период на недостиг, бидејќи Nvidia, AMD, Google и други за своите AI чипови откупуваат огромни количини HBM и DRAM меморија, што ги зголемува цените и ја ограничува понудата за потрошувачките уреди.
Трите најголеми производители на RAM меморија – Micron, SK Hynix и Samsung Electronics – практично го држат целиот пазар и бележат силен раст на приходите. Од Micron предупредија дека побарувачката расте побрзо отколку што индустријата е во состојба да испорача меморија.
„Видовме многу силен и значаен скок на побарувачката за меморија, кој далеку ги надмина нашите капацитети, но и капацитетите на целата индустрија“, изјави бизнис-директорот на Micron, Сумит Садана, на саемот CES во Лас Вегас.
Растот на побарувачката веќе се одрази на цените и на деловните резултати. Micron во последниот квартал речиси ја утрои нето-добивката, додека Samsung очекува оперативната добивка речиси да се утрои. SK Hynix, пак, однапред го распродаде целиот производствен капацитет на RAM меморија за 2026 година. Истражувачката куќа TrendForce проценува дека цените на DRAM меморијата во тековниот квартал ќе пораснат меѓу 50 и 55 проценти во однос на крајот на минатата година.

Особено е барана т.н. high-bandwidth memory (HBM), клучна компонента за AI чиповите, чија продукција бара значително повеќе ресурси од класичната меморија.
Поради ограничената понуда, производителите сè повеќе им даваат предност на серверските и AI решенијата, што веќе влијае и на пазарот на потрошувачка електроника. Одделни компании, како Apple и Dell, предупредија дека растот на цените на меморијата може да доведе до поскапи уреди за крајните корисници.
Производителите на меморија најавуваат нови инвестиции во фабрики, но конкретните капацитети се очекуваат дури од 2027 година. До тогаш, како што порачуваат од Micron, пазарот останува под притисок, а производството за 2026 година веќе е целосно распродадено.


