Ако неодамна сте добиле многу сомнителни барања за ресетирање на лозинката од Instagram, не сте единствени, но наводно нема место за загриженост.
Malwarebytes, компанија за антивирусен софтвер, првично објави дека дошло до компромитирање на податоци и откривање на „чувствителни информации“ на 17,5 милиони корисници на Инстаграм. Ова „протекување“ вклучува кориснички имиња на Instagram, физички адреси, телефонски броеви, е-маил адреси и многу повеќе. Сепак, од Instagram тврдат дека корисничките профили се „безбедни“.
Во објавата на Malwarebytes се наведува дека „податоците се достапни за продажба на dark web и дека сајбер-криминалци можат да ги злоупотребат“. Компанијата во е-маил до своите клиенти напоменала дека открила безбедносен проблем за време на рутинско скенирање на dark web и дека тој е поврзан со потенцијален инцидент што се однесува на изложеноста на Instagram API од 2024 година.
Пријавеното протекување на податоци резултирало со тоа корисниците да добијат неколку е-маил пораки од Instagram поврзани со барања за ресетирање на лозинката. Според Malwarebytes, овие информации би можеле да доведат до посериозни напади, како обиди за кражба на идентитет (phishing) или преземање на профили. Како одговор, Instagram објави на X дека корисниците можат да ги игнорираат барањата за ресетирање на лозинката.

„Го решивме проблемот кој овозможуваше надворешна страна за некои корисници да побара испраќање е-маилови за ресетирање на лозинка. Немаше пробивање на нашите системи и вашите Инстаграм профили се безбедни“, пишува во објавата на Instagram на X.
Иако Instagram соопшти дека податоците не се компромитирани, неговата матична компанија Meta во минатото се соочувала со проблеми поради нарушувања на безбедноста на податоците. Ако веќе не сте, секогаш е добра идеја да вклучите двофакторска автентикација и да ја смените лозинката. Уште подобро, можете да проверите кои уреди се најавени на вашиот Инстаграм профил во Центарот за налози на Meta.
