Иако повеќето од денешните преклопни мобилни телефони се потпираат на класична внатрешна шарка и посебен надворешен екран, се чини дека Samsung размислува за поинаков пристап.
Samsung пријави нов патент кој открива преклопен мобилен телефон во „flip“ формат со необична шарка која овозможува свиткување на екранот и навнатре и нанадвор. Патентот е објавен во базата на Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO) и е придружен со низа скици кои детално го прикажуваат механизмот на шарката.

За разлика од денешните преклопни телефони од овој тип, новиот концепт на Samsung нема посебен надворешен екран. Тоа е, на некој начин, и логично, бидејќи внатрешниот екран може да се завитка околу задната страна на уредот, па затоа и нема вистинска потреба од уште еден помал екран од надворешната страна.
На скиците исто така може да се забележи дека шарката не е поставена точно на средината на телефонот, поради што долниот дел останува делумно изложен. Во пракса, тоа би значело дека дел од екранот останува видлив за корисниците дури и кога телефонот е свиткан навнатре, односно „затворен“.

Иако патентите не гарантираат дека производот ќе заврши на пазарот, Samsung е познат по тоа што често ги демонстрира своите нови технологии на саеми, па не е исклучено овој концепт во некоја форма да се појави како прототип во иднина.


