Во уште еден обид корисниците сè повеќе да го користат OneDrive, Microsoft ја укинува Office Lens на iOS и Android – апликацијата за скенирање документи.
Microsoft потврди дека ја гаси својата апликација за скенирање документи Office Lens на iOS и Android. Велат дека официјалната поддршка ќе престане на 9 февруари оваа година, додека апликацијата целосно ќе престане да функционира еден месец подоцна, односно на 9 март.
Причината за укинувањето лежи во фактот што клучните функции на Office Lens веќе се интегрирани во OneDrive. Microsoft затоа проценил дека посебна апликација повеќе не е потребна, бидејќи корисниците во рамки на OneDrive можат да фотографираат документи и сметки, дигитално да ги уредуваат и да ги претвораат во Word или PDF документи, со автоматско сечење и ротирање.

Инаку, Office Lens за првпат беше претставен во 2015 година за iOS и Android, а своето првично деби го имаше нешто порано на сега веќе одамна укинатиот Windows Phone. Апликацијата се истакнуваше со силна интеграција со Office пакетот и беше дел од стратегијата на Microsoft за развој на „mobile-first“ апликации пред околу десет години.
Со укинувањето на Office Lens, Microsoft дополнително ги обединува своите алатки во рамки на OneDrive, кој сега станува централно место за скенирање и чување документи на мобилни уреди.
