Иако Exynos 2600 сè уште не се појавил во мобилните телефони, новите гласини веќе откриваат во која насока Samsung планира да ја развива својата нова генерација флегшип чипсет.
Samsung неодамна го претстави својот прв 2-нанометарски SoC, Exynos 2600, а сега веќе се појавија и првите информации за неговиот наследник, чие претставување се очекува во 2027 година.
Имено, според неофицијални информации објавени на X, Exynos 2700, кој го носи кодното име Ulysses, ќе биде изработен на втората генерација од 2-нанометарскиот производствен процес на Samsung (SF2P). Во споредба со Exynos 2600, новиот SoC би требало да понуди околу 12 проценти подобри вкупни перформанси и да ја намали потрошувачката на енергија за приближно 25 проценти.

Што се однесува до процесорската конфигурација, се споменува едно главно јадро со такт до 4,2 GHz, заедно со ARM C2 јадра. Во синтетички тестови како Geekbench, Exynos 2700 наводно би можел да постигнува околу 4.800 поени во еднојадрениот и околу 15.000 поени во повеќејадрениот тест. За споредба, Exynos 2600 постигнува околу 3.400 поени во еднојадрениот и околу 11.500 поени во повеќејадрениот тест на Geekbench.
Понатаму, новиот SoC би требало да доаѓа во комбинација со најновата Xclipse графика и да поддржува LPDDR6 RAM и UFS 5.0 меморија, кои во однос на актуелните стандарди LPDDR5X и UFS 4.0 би можеле да донесат и до 40 проценти поголеми брзини на пренос на податоци.
Exynos 2700 најверојатно ќе го користат Samsung-овите flagship уреди претставени во 2027 година.

