Енкрипцијата во рамките на RCS Universal Profile 3.0 не ги штити само текстуалните пораки, туку и сите прилози како фотографии и видеа, како и групните разговори.
Apple работи на воведување на end-to-end енкрипција за RCS пораките, со што би се овозможило побезбедно допишување меѓу корисниците на iPhone и оние кои користат Android уреди.
Како што пренесува SamMobile, станува збор за имплементација на RCS Universal Profile 3.0, индустриски стандард кој GSM Association го објави пред речиси една година. Овој стандард носи end-to-end енкрипција (E2EE), која Apple досега не ја поддржуваше бидејќи претходното решение беше поврзано исклучиво со Google.

Сега, кога постои официјален стандард, Apple започна со негова интеграција. Иако компанијата засега не брза со имплементацијата, во новата бета верзија на iOS 26.3 се откриени делови од корисничкиот интерфејс кои го прикажуваат статусот на енкрипцијата и овозможуваат управување со поставките.
Сепак, сè уште не е потврдено дали актуелната бета верзија целосно поддржува енкриптирани RCS пораки. Постои можност E2EE да пристигне со стабилната верзија на iOS 26.3, но исто така постои реална можност воведувањето да се одложи до iOS 27. Apple засега официјално не се огласил за роковите, па можеме само да нагаѓаме.


