Се остварија неодамнешните прогнози дека во ChatGPT ќе се појават реклами, иако OpenAI тоа го демантираше пред само еден месец. Но, барем една добра вест – можно е да се плаќа претплата од 8 евра.
„Не верувајте на гласини и збунувачки информации, нема да воведеме реклами“ – тоа го потврди пред нешто повеќе од еден месец Ник Турли, раководител на производот ChatGPT во OpenAI. Само 41 ден подоцна, Сем Алтман, првиот човек на OpenAI, објавува: „Почнуваме да тестираме реклами во ChatGPT за бесплатните и Go пакетите“.

Значи – или лажеле, или не биле меѓусебно координирани, или во изминатите недели дошло до промена на ставот. Како и да е, наскоро можете да очекувате дека во вашите разговори со најпопуларниот четбот во светот ќе почнете да добивате и пласирани реклами.
Принципите на Алтман
Шефот на OpenAI ги истакна и принципите според кои ќе се водат при воведувањето на рекламите. Тој вели дека парите добиени од рекламирање нема да имаат влијание врз одговорите на четботот, бидејќи огласувачите нема да можат да дознаат за што разговарате со ChatGPT. Рекламите во интерфејсот секогаш ќе бидат јасно истакнати, одвоени и означени како такви. Претплатниците на поскапите пакети (Plus, Pro, Business, Enterprise) нема да мора да гледаат реклами, туку тие ќе се прикажуваат само на оние што го користат сервисот бесплатно и на оние што плаќаат најниско ниво на претплата.

Рекламите во интерфејсот на ChatGPT најпрво ќе почнат да им се прикажуваат на корисниците во САД, што ќе се случи во следните неколку недели. Просторот за реклами ќе биде издвоен на дното на прозорецот, по одговорот на четботот, а прикажаниот оглас ќе биде базиран на разговорот што моментално го водите. Лицата кои се регистрирани како малолетни или за кои AI ќе заклучи дека се малолетни, нема да гледаат реклами, а тие нема да се прикажуваат ниту кога разговорот се води на чувствителни или регулирани теми, како што се здравјето или политиката.
ChatGPT Go за 8 евра месечно
Новина од оваа недела е и фактот дека влезната претплата ChatGPT Go отсега е достапна глобално, што значи и кај нас. Корисниците во Македонија можат за овој сервис да плаќаат 8 евра месечно (со вклучен ДДВ), а за таа цена ќе добијат подолги разговори и можност за подлабоко истражување на теми, повисоки лимити за генерирање илустрации, проширена меморија и „попаметни“ одговори благодарение на тоа, а ќе можат и да генерираат сопствени аплети (GPT-и), да креираат задачи, проекти и да користат слични напредни функции.

За разлика од оние што плаќаат 23 евра за Plus претплата, корисниците на основниот пакет нема да имаат пристап до видео алатката Sora, системот за програмирање Codex, ниту пак до побрз пристап за изработка на слики, а покрај тоа, во блиска иднина во интерфејсот ќе почнат да гледаат и реклами. Но, во споредба со бесплатниот пакет услуги, претплатата Go ќе нуди дури 10 пати поголеми лимити за „обични“ разговори со моделот GPT-5.2 Instant, што веројатно за оние кои сакаат да „муабетат“ со него ќе биде и најголемата предност на оваа претплата.


