TikTok во наредните недели ќе започне со воведување на нова технологија за детекција на возраста низ цела Европа, соопшти компанијата во петокот, додека платформата во сопственост на ByteDance се соочува со регулаторни притисоци да ги идентификува и отстрани профилите на деца помлади од 13 години.
Системот ќе ги анализира информациите на профилот, објавените видеа и обрасците на однесување за да процени дали лицето зад одреден профил е малолетно, пишува Reuters.
Тензиите дополнително се зголемуваат поради фактот што судија во сојузната држава Делавер во Соединетите Американски Држави во петок ќе го разгледува барањето на TikTok да ја отфрли тужбата што минатата година ја поднесоа родителите на пет деца од Велика Британија, кои наводно починале изведувајќи „пранк“ и „челинџ“ видеа.

Во тужбата се наведува дека алгоритмите на TikTok промовирале опасна содржина на децата, вклучувајќи го и таканаречениот „blackout challenge“, кој поттикнувал самоповредување преку гушење.
„ByteDance им наштети на овие деца откако раководството знаело дека нивните одлуки во програмирањето доведуваат до случајни смртни случаи кај деца“, се наведува во тужбата поднесена до Судот во Делавер.
Некои од децата биле помлади од 13 години.
„Го изразуваме нашето најдлабоко сочувство до овие семејства“, изјави портпарол на TikTok и додаде дека строго забрануваат содржини кои промовираат или поттикнуваат опасно однесување.

