Android 16 носи пофлексибилни односи при split screen приказот, вклучувајќи и 90:10, со што мултитаскингот станува употреблив и на помалите телефони
Android уште со верзијата Android 15 го воведе концептот App Pairs, кој овозможува две апликации однапред да се спарат за split screen режим (поделен екран) и да се стартуваат со еден допир од почетниот екран. Идејата беше да се избегне комплицираниот процес во повеќе чекори со влечење и подесување, но во пракса оваа функција на помалите телефони немаше многу смисла, бидејќи поделбата на екранот 50:50 често беше неупотреблива.
На уреди со помали екрани, како Pixel 9a, секоја апликација во 50:50 режим добива премалку простор за удобна работа. Android 16 го менува тоа преку суптилна, но многу значајна промена во начинот на кој функционира поделениот екран.

Screenshot
Пофлексибилни односи на екранот во Android 16
Во Android 16, односите меѓу двете апликации во split screen режим стануваат значително пофлексибилни. Наместо исклучиво поделба 50:50, сега се достапни односи 70:30, па дури и 90:10. Токму овој екстремен 90:10 режим отвора сосема нов начин на користење на телефонот и го прави мултитаскингот практично употреблив дури и на помали дијагонали.
Во типично сценарио, една апликација зазема 90% од екранот и служи како примарна, додека другата е „закотвена“ на дното или врвот на екранот и зазема само 10%. Со еден допир, секундарната апликација може да го преземе фокусот и да стане главна, додека првата се повлекува во позадина. Префрлувањето меѓу нив е брзо и директно, без влегување во класичното Android мултитаскинг мени.
Пример за ваков начин на работа е спарувањето на апликациите Google Chrome и Gemini. Chrome може постојано да биде главната апликација за преглед на содржини, додека Gemini е присутен во минимален простор за брзи прашања, истражување или проверка на информации, подготвен со еден допир да го преземе целиот екран.
Како да се подеси App Pairs со 90:10 split screen однос
За да се подеси App Pair, прво е потребно да се отворат двете апликации што ќе се спарат. Потоа се влегува во multitasking приказот со повлекување нагоре од Home барот и кратко задржување. Се допира името на првата апликација и се избира опцијата Split screen, а потоа и втората апликација за спарување. Системот иницијално ќе го прикаже класичниот 50:50 приказ.

Потоа, разделникот меѓу апликациите може да се повлече до самиот врв или дно на екранот за да се активира 90:10 режимот. Ако разделникот се остави малку подалеку од работ, можно е да се подеси и однос 70:30.
Кога ќе се постави посакуваниот однос, повторно се влегува во multitasking приказот, се допира името на една од апликациите и се избира опцијата Save app pair. Со тоа се креира кратенка на почетниот екран.
Секој следен допир на таа кратенка ги стартува апликациите во однапред подесениот split screen режим, при што Android го памети последниот користен однос на екранот. На тој начин се штеди време и split screen мултитаскингот станува брз, логичен и конечно практичен дури и на помалите телефони, пренесува LifeHacker.
