Соларната радијациска бура која беше регистрирана во понеделник и во ноќта кон вторник низ Европа и Соединетите Американски Држави приреди фантастични сцени на поларната светлина, попозната како аурора бореалис.
Поларната светлина беше видлива низ цела Европа, вклучително и во подрачја каде што оваа појава вообичаено ретко може да се забележи.

Според податоците на Националниот центар за прогноза на вселенското време на САД (SWPC), станува збор за соларна радијациска бура од јачина S4, што претставува четврто ниво на скалата од пет и воедно најсилната соларна бура во последните повеќе од 20 години. Последен пат бура со ваков интензитет е забележана во октомври 2003 година.
Од SWPC наведуваат дека ваквите соларни бури можат да предизвикаат нарушувања во работата на сателитите, намалена прецизност на GPS системите, како и проблеми во авио-сообраќајот, особено на летовите кои минуваат преку поларните рути.

Покрај радијациската, Земјата беше погодена и од силна геомагнетна бура, која може да има негативно влијание врз електроенергетските мрежи. Овие појави настануваат како резултат на коронални исфрлања на маса, односно силни експлозии на плазма и магнетни полиња од атмосферата на Сонцето.
Како што се наведува, актуелната бура е поврзана со соларен блесок од Х-класа, најинтензивниот тип на соларни ерупции, што воедно претставува и првиот голем соларен блесок регистриран оваа година.

Зголемената соларна активност предизвика појава на северна и јужна поларна светлина, кои настануваат кога енергетски набиени честички од Сонцето ќе стапат во интеракција со гасовите во Земјината атмосфера, создавајќи видливи светлосни појави на ноќното небо.


