Apple планира значајни промени во технологијата на екраните со доаѓањето на iPhone 18 Pro и iPhone 18 Pro Max, се наведува во нов извештај на ETNews, повикувајќи се на извори од синџирот на снабдување.
Според тие информации, Apple во следната генерација на iPhone 18 Pro ќе користи напредни LTPO+ OLED панели, кои носат поголема енергетска ефикасност во однос на постојните решенија. Дополнително, LTPO+ технологијата ќе овозможи поставување на инфрацрвениот скенер за Face ID под самиот екран, со што дополнително ќе се намали видливоста на сензорите на предната страна од уредот.
Извори запознаени со плановите наведуваат и дека Apple размислува за преместување на предната, селфи камера под екранот, без нарушување на квалитетот на фотографиите и видеата, што би претставувало еден од најголемите дизајнерски исчекори во последните години.

Воведувањето на LTPO+ OLED панели ќе има и последици врз синџирот на добавувачи на Apple. Кинескиот производител BOE, според наводите во извештајот, би можел да биде исфрлен од производството на екрани за Pro моделите, бидејќи оваа напредна технологија во моментов можат да ја испорачуваат само Samsung Display и LG Display. BOE, сепак, би можел да остане добавувач за основните модели на iPhone.
Истиот извештај наведува дека Apple планира да ги вгради LTPO+ панелите и во редизајнираниот MacBook Pro со M6 чип, со што оваа технологија би се проширила и на линијата лаптопи на Apple.
Ваквиот развој на настаните потврдува дека Apple продолжува и дополнително ја зацврстува соработката со јужнокорејските компании LG и Samsung, во момент кога расте нетрпеливоста на Соединетите Американски Држави во глобалната технолошка војна со Кина и другите пазари.


