Иако овој проблем зафати мал број корисници, Microsoft повторно беше принуден да реагира со итна закрпа.
Првото безбедносно ажурирање што Microsoft го објави за Windows 11 во 2026 година предизвика неочекувани проблеми кај дел од корисниците, поради што беше издадена закрпа само неколку дена подоцна.
Како што пренесува The Verge, ажурирањето кај некои корисници го спречувало правилното гаснење или ставање на системот во хибернација, а биле забележани и проблеми со најавување преку Remote Desktop. Се чини дека проблемот ги зафатил исклучиво компјутерите со Windows 11 во верзија 23H2, и тоа само во Enterprise и IoT изданијата.

Иако бројот на засегнати корисници не е голем, станува збор за уште еден пример на проблематични Windows ажурирања што го принудија Microsoft да издаде таканаречена „out-of-band“ закрпа. Ваквите итни закрпи некогаш беа реткост, но во последниве години се појавуваат сè почесто, што повторно го отвора прашањето за квалитетот на тестирањето пред јавното дистрибуирање на системските ажурирања.
Microsoft го објави итното ажурирање на 17 јануари, а официјалниот список на промени може да го погледнете тука.


