Sony го издвојува ТВ-бизнисот и основа заедничка компанија со TCL, која ќе го преземе развојот, производството и продажбата на Sony и BRAVIA телевизорите ширум светот.
Под силен притисок од кинеските брендови и сè поострата конкуренција, јапонските производители на телевизори во последните години трпат сериозни удари на глобалниот пазар. Во тој контекст, Sony повлече потег што изненади многумина во индустријата, бидејќи компанијата официјално објави дека практично го продала својот бизнис со телевизори и го префрла во нова заедничка компанија основана со кинескиот партнер TCL. Вистински шок за повеќедецениските љубители на Sony Trinitron и Bravia телевизорите, кои со години важеа за неприкосновени, а сега на тоа дефинитивно му дојде крај!
Според објавениот план, TCL ќе има мнозински удел од 51 отсто во новата компанија, додека Sony ќе задржи 49 отсто сопственост. Заедничката фирма целосно ќе го преземе работењето поврзано со телевизорите и домашното аудио, вклучувајќи развој на производи, дизајн, производство, продажба, логистика и корисничка поддршка. Работењето ќе биде глобално, а притоа ќе продолжи користењето на брендовите Sony и BRAVIA.

Заедничката компанија на TCL и Sony започнува со работа во 2027 година
Sony и TCL на 20 јануари потпишаа меморандум за разбирање, со кој ги дефинираа основните рамки на соработката. Целта е до крајот на март 2026 година да биде склучен конечен, правно обврзувачки договор. Доколку сè се одвива според планот и со одобрување од регулаторните тела, новата компанија би требало да започне со оперативна работа во април 2027 година.
Претседателот на Sony Group, Хироки Тотоки, изјави дека е задоволен од постигнатиот договор со TCL и дека во оваа соработка гледа можност за создавање нова вредност во сегментот на домашната забава. Според неговите зборови, обединувањето на силите на двете компании треба да резултира со поатрактивно аудио-визуелно искуство за корисниците ширум светот.
Sony телевизорите со години имаат силна база на лојални купувачи. Иако Sony ќе задржи значаен малцински удел во новата компанија, веста за издвојувањето на ТВ-бизнисот предизвика бурни реакции во јавноста. На социјалните мрежи се појавија коментари како „уште еден јапонски бренд не издржа“, „што сега да се купува“ и „колку уште вистински јапонски брендови останаа“.
Овој потег јасно покажува колку се променил глобалниот пазар на телевизори и колку кинескиот капитал стана клучен фактор за опстанок дури и за најголемите имиња на јапонската потрошувачка електроника.


