Разговаравме со Сања Митровска, основачка на The Founder Games и CEO на компанијата Networker, во пресрет на втората сезона на првото регионално реално шоу посветено на претприемачи и стартапи
Разговараше: НИКОЛА БУРАГЕВ
The Founder Games се позиционира како еден од најавтентичните и најбрутално искрени формати во регионалниот стартап-екосистем – место каде основачите не зборуваат за бизнис, туку го живеат во реално време. По првата сезона која донесе инвестиции, приходи и вистински трансформации, втората сезона доаѓа уште поамбициозна, поинтензивна и пофокусирана на раст, скалирање и инвестициска подготвеност. Разговаравме со креаторот на форматот, Сања Митровска, основачка на The Founder Games и CEO на компанијата Networker, за тоа зошто „учењето под притисок“ функционира, што носи новата сезона и зошто ова повеќе не е само ТВ-формат, туку сериозна стартап платформа со реален импакт.

Што ве инспирираше да го креирате The Founder Games и каков проблем во стартап-екосистемот сакавте да решите со овој формат?
The Founder Games беше креиран со цел да донесе нов, практичен пристап во стартап-екосистемот, фокусиран на реални бизнис ситуации.Сакавме да креираме платформа каде основачите нема само да зборуваат за визија, туку ќе мора да носат одлуки, да продаваат, да преговараат и да грешат – и сети тоа да се случува во реално време. Проблемот што го адресираме е јазот меѓу „стартап едукација“ и вистинскиот пазар.
Во пресрет на втората сезона на The Founder Games, што е најголемата новина и што ќе биде суштински поинаку од првата сезона?
Втората сезона е значително поинтензивна и пофокусирана на скалирање. Ако првата сезона беше за преживување и докажување, втората е за раст, инвестициска подготвеност и меѓународен потенцијал. Дополнително, втората сезона носи поголемо присуство на активни инвеститори и корпоративни партнери, што го прави форматот уште порелевантен и поориентиран кон реални можности
Клучна новина е Liora Women in Business track, посебна програма насочена кон женски основачки и тимови со силно женско лидерство. Во рамки на овој track создаваме простор каде жените претприемачи добиваат видливост, менторство и пристап до инвеститори во контекст што е подеднакво реален и конкурентен, но и поддржувачки. Tри стартапи предводени од жени од Liora ќе добијат гарантирано место во Season 2 на The Founder Games, со цел да се зголеми нивната видливост и пристапот до менторство и инвеститори.

Снимањето ќе се одвива на мега јахта на отворено море, со поголемо присуство на инвеститори и партнери. Колку тоа ја менува динамиката и можностите за стартапите?
Драстично. Просторот не е случаен – кога сте изолирани, под притисок и со луѓе кои реално носат капитал и одлуки, маските паѓаат многу брзо. Стартапите нема каде да се „сокријат“ зад pitch deck. Оваа динамика создава побрзи, поискрени разговори и многу поконкретни можности.
Повикот за учество е веќе отворен – кој може да учествува во втората сезона и која е постапката за пријавување?
Можат да аплицираат стартапи во рана или растечка фаза, соло основачи или тимови, од Македонија и регионот, со јасна бизнис идеја и амбиција за раст. Пријавувањето е онлајн, преку официјалната веб-страница на The Founder Games, со кратка апликација и основни информации за бизнисот.

Првата сезона донесе резултати што ги надминаа очекувањата – инвестиции, приходи и нови рунди во најава. Што од тие искуства најмногу влијаеше врз форматот на втората сезона?
Најмногу нè научи тоа дека пазарот реагира кога стартапите се ставени во реални услови. Видовме дека токму тие „неудобни“ моменти создаваат најголема вредност – и за основачите и за инвеститорите. Затоа втората сезона оди подлабоко, побрзо и со помалку простор за симулација.
The Founder Games е познат по „учење под притисок“ и реални, често непријатни бизнис ситуации. Дали и оваа сезона ќе одите уште подалеку во тој пристап?
Да – но секогаш со цел. Притисокот не е тука за шоу, туку за развој. Во втората сезона задачите се покомплексни, роковите покуси, а последиците пореални. Тоа е најбрзиот начин да видиш дали еден основач навистина е подготвен за пазар.

Кога ќе погледнете наназад на сезона 1, што за вас лично е најголемиот успех на форматот?
Кога ќе погледнам наназад на првата сезона, најголемиот успех за мене лично е тоа што создадовме простор каде основачите навистина се соочија со реалноста на претприемништвото – без филтри и без заштитна мрежа. Видовме вистинска трансформација: идеи што прераснаа во бизниси и основачи кои првпат искусија што значи да продаваш, да преговараш и да носиш тешки одлуки под притисок.
Особено важно е што ефектите не завршија со последната епизода. Стартапите продолжија да растат, дел обезбедија инвестиции, други остварија приходи и партнерства. Тоа е најсилниот доказ дека The Founder Games не е само ТВ-формат, туку сериозна стартап платформа со реален импакт.
Ако со една реченица треба да им објасните на основачите зошто токму сега е моментот да аплицираат – која би била таа?
Затоа што да се биде претприемач често значи да се чувствуваш осамено – го кажувам ова од лично искуство. Само 1% од луѓето избираат да бидат претприемачи, а Founder Games е ретка можност токму тие луѓе да поминат неколку недели меѓу истомисленици, каде што има вистинска размена на знаење, поддршка, позитивна конкуренција и networking, и каде што растот доаѓа преку процесот, а не само преку резултатот.
The Founder Games ја отвора новата сезона – започнува потрагата по следниот регионален шампион


