HDMI 2.2 носи двојно поголем пропусен опсег за податоци, поддршка за 10K резолуција и екстремно високи стапки на освежување, со фокус на AR и VR технологиите
За време на саемот CES 2026, покрај хуманоидни роботи, паметни AR очила и AI асистенти, беше најавена и една од најважните хардверски промени во последната деценија. HDMI Forum официјално ја претстави спецификацијата HDMI 2.2, чие лансирање е планирано подоцна во текот на годината. Ова е првата голема ревизија на HDMI стандардот уште од верзијата 2.1, која беше претставена пред девет години.
Иако HDMI 2.1 денес е широко распространет и се користи кај модерни телевизори, компјутери, проектори и други уреди, индустријата очигледно се подготвува за следниот чекор. Според зборовите на претседателот на HDMI Forum, Чендли Харел, целта на новата спецификација е да одговори на растечките барања на HDMI екосистемот за подобри перформанси и понапредни можности, како за актуелните, така и за идните технологии.
Новата верзија носи поголеми резолуции, значително повисоки стапки на освежување и драстично зголемен проток на податоци. Меѓутоа, HDMI 2.2 не е наменет само за класичен приказ на слика, туку е проектиран и со фокус на проширена (AR), виртуелна (VR) и мешана реалност (MR), каде што барањата за пренос на поголеми количини податоци и помало доцнење се далеку поголеми отколку кај класичните екрани.

HDMI 2.2 е стандард насочен кон идните технологии
HDMI 2.2 носи максимален пропусен опсег од 96 Gbps, што е точно двојно повеќе во однос на HDMI 2.1, кој е ограничен на 48 Gbps. Покрај тоа, воведена е и нова генерација на HDMI Fixed Rate Link технологијата, наменета за постабилен и поквалитетен пренос на слика и звук во широк спектар на уреди и сценарија.
Во пракса, тоа значи поддршка за резолуции до 10K, унапредени режими за 8K при 240 Hz, како и 4K приказ со стапка на освежување до 480 Hz. Ваквите спецификации далеку ги надминуваат потребите на просечниот корисник денес, но ги отвораат вратите за екстремно барачки примени, како VR и AR уреди со висока резолуција, професионални екрани, како и гејминг системи од новата генерација.

Сепак, HDMI Forum јасно порачува дека нема причина за брзање со купување нова опрема. Преминот на новиот стандард ќе биде постепен и ќе бара повеќе алки во ланецот да се надградат истовремено: од графичките картички и конзолите, преку каблите, па сè до самите екрани. Како и обично, првите производи со HDMI 2.2 поддршка ќе бидат поскапите модели наменети за ентузијасти и професионалци.
За пошироката публика, целосниот потенцијал на HDMI 2.2 веројатно ќе стане релевантен дури по неколку години. Сепак, најавата на овој стандард јасно покажува дека индустријата е подготвена за следниот голем технолошки исчекор, особено во областите каде што екстремната резолуција, високите стапки на освежување и минималното доцнење се пресудни

