Realme Neo8 донесува 165 Hz Samsung екран, перископска телефото камера и Snapdragon 8 Gen 5 по цена на телефон од средната класа
Realme го претстави моделот Neo8, кој во Кина стартува по цена од околу 310 евра. Станува збор за телефон кој агресивно ги таргетира гејмерите и корисниците на кои перформансите им се на прво место.
Срцето на уредот е Snapdragon 8 Gen 5, кој на AnTuTu тестот постигнува резултат што надминува 3,58 милиони поени, со LPDDR5X меморија и UFS 4.1 простор за складирање податоци. Realme дополнително го истакнува таканаречениот „geek“ панел за перформанси, кој му овозможува на корисникот рачно да ја прилагоди фреквенцијата на CPU и GPU, како и пет нивоа на термална контрола, без поголеми системски ограничувања. На тој начин телефонот може да се прилагоди на различни игри и сценарија на користење, со максимални перформанси во побарувачки ситуации.

Neo8 – 165 Hz Samsung екран и перископ камера
Neo8 има вграден 165 Hz Samsung AMOLED екран кој по многу нешта е посебен во овој ценовен ранг, базиран на M14 светлечки материјал. Ефикасноста на осветлувањето е зголемена за 26 отсто, додека потрошувачката на енергија при 165 Hz е пониска отколку кај типичните 144 Hz панели. Максималната осветленост достигнува 1.000 нита при рачно подесување, 1.800 нита автоматски и дури 6.500 нита локално, со поддршка за DC затемнување и TÜV Rheinland сертификат без треперење.
Во делот за камерата, Realme Neo8 се издвојува со 50 MP перископски телефото сензор, единствен од ваков вид во оваа класа. Камерата нуди 3,5x оптички и 7x зум без губење на квалитет, со дигитално зголемување до 120x. Главната камера користи Sony IMX896 сензор со големина 1/1,56 инчи, со поддршка за 8K снимање и прилагодливи параметри за боја, острина и ефект на зрнеста слика, како и 4K видео.

Realme ветува четири години системско одржување и три големи Android надградби, а од април оваа година сите realme телефони влегуваат во OPPO сервисниот систем, што вклучува побрзи поправки, визуелно следење на сервисот и продолжена гаранција на резервните делови, пренесува mydrivers.
