Новата социјална мрежа „W“ се позиционира како алтернатива на X по низата европски критики и регулаторни удари
Европски инвеститори и технолошки експерти оваа недела ќе ја претстават новата социјална мрежа насловена „W“, проект кој има за цел да стане европска алтернатива на постоечките глобални платформи, во време на сè поголеми тензии меѓу Европа и САД околу регулацијата на технологијата, политичкото влијание и дигиталниот суверенитет.
Платформата ќе биде официјално претставена за време на Светскиот економски форум во Давос. Според данскиот портал Politiken.dk, за разлика од X, корисниците на „W“ ќе мора да го верификуваат својот идентитет. Тие ќе треба да достават фотографија како доказ дека се реални личности – мерка која, според креаторите на платформата, треба да го намали бројот на лажни профили, ботови и злоупотреби на идентитет.
На чело на „W“ ќе застане Ана Цајтер, швајцарска експертка за приватност и заштита на податоци, која повеќе од една деценија работела во eBay, каде што била одговорна за политиките поврзани со заштита на податоци и вештачка интелигенција.
Во објава на LinkedIn, Цајтер истакна дека системската дезинформација сè повеќе ја поткопува довербата на јавноста и дека е потребна социјална мрежа „изградена, управувана и хостирана во Европа“, со слободата на говор и заштитата на личните податоци како нејзини основни принципи.
Правно, платформата ќе функционира како подружница на „We Don’t Have Time“, медиумска компанија фокусирана на климатски теми. Развојните тимови ќе бидат лоцирани низ Европа, а веќе се најавени канцеларии во Берлин и Париз.

Зголемени критики кон мрежата X на Елон Маск
Лансирањето на „W“ доаѓа во период на сè погласни критики кон X во Европа. Неодамна, 54 европратеници повикаа на развој на европски алтернативи на големите американски социјални мрежи, наведувајќи загриженост за порастот на сексуално насилни содржини и материјали со злоупотреба на деца, по промените во политиките на платформата под сопственост на Илон Маск.
X се најде и под дополнителен притисок откако неговиот четбот Grok генерираше слики со дигитално „разголени“ жени. Маск ги отфрли критиките од европските институции и регулатори, обвинувајќи ја Европската Унија за цензура, откако платформата беше казнета според Законот за дигитални услуги (DSA).
Иако веќе постојат алтернативи како Truth Social, Mastodon и Bluesky, ниту една досега не успеа да го достигне глобалното влијание и досег на X, особено кога станува збор за политички дебати и вести во реално време.
Со „W“, Европа се обидува да направи стратешки чекор кон поголема дигитална независност и поголема контрола врз својата онлајн јавна сфера.
