Благодарение на прилагодениот NexOS, уредот во едно куќиште ги обединува Android, Linux и Windows 11 и може да се користи како десктоп компјутер.
Nex Computer го претстави NexPhone, мобилен телефон замислен како целосна замена за класичен десктоп или лаптоп компјутер.
Имено, клучната карактеристика на NexPhone е прилагодениот NexOS, кој го интегрира Linux како апликација во рамките на Android интерфејсот, додека достапна е и опција за стартување на ARM верзијата на Windows 11. Компанијата има развиено и посебен интерфејс базиран на „плочки“ и веб-апликации, кој визуелно потсетува на поранешниот Windows Phone.

Преку USB-C приклучок, NexPhone може да се поврзе со надворешен монитор и да се користи како целосно функционален десктоп компјутер, со избор помеѓу Android Desktop режим, Linux Debian или Windows 11.
Што се однесува до хардверот, NexPhone е уред од средна класа кој го придвижува Qualcomm QCM6490, со 12 GB RAM и 256 GB внатрешна меморија која може да се прошири со microSD картичка. Доаѓа со 6,58-инчен IPS LCD екран со Full HD+ резолуција и стапка на освежување од 120 Hz, заштитен од кршење и гребење со Gorilla Glass 3.

Уредот има IP69 сертификат за отпорност на вода и прашина, батерија со капацитет од 5.000 mAh со поддршка за 18-ватно жично и безжично полнење, како и систем на камери кој вклучува главен сензор од 64 MP.
NexPhone ќе се продава по цена од 550 долари, а првите испораки се очекуваат во третиот квартал од 2026 година.
