Новите безжични слушалки на Sony имаат три режими на работа, IPX4 отпорност, солидна автономија и поддршка за истовремено поврзување со повеќе уреди.
Sony официјално ги претстави LinkBuds Clip, нови безжични слушалки со отворен клип-дизајн (clip-on). Освен што овие слушалки нема така лесно да испаднат од ушите, тие на корисниците им овозможуваат истовремено да слушаат музика и подобро да ја перцепираат околината, што ќе биде корисно за оние кои ќе ги користат додека, на пример, возат велосипед.
Како што наведуваат од Sony, слушалките се дизајнирани да обезбедат удобно и стабилно прилегање на различни типови уши, а исто така можат да се купат и заменливи перничиња за уште поголема удобност. LinkBuds Clip имаат три режими на работа: Standard, Voice Boost и Sound Leakage Reduction, а звукот може дополнително да се прилагоди преку апликација и десет-појасен еквилајзер.

Sony посебен акцент ставил и на квалитетот на повиците, кој се потпира на сензор за коскена проводливост за попрецизно фаќање на гласот, како и AI систем за намалување на позадинската бучава. Автономијата на слушалките изнесува до девет часа, односно до 37 часа со куќиштето, а брзото полнење овозможува еден час репродукција по само три минути на полнач.
Од останатите карактеристики, вреди да се напомене дека LinkBuds Clip имаат IPX4 сертификат за отпорност на прскање вода, како и поддршка за истовремено поврзување со повеќе уреди. Доаѓаат во неколку различни пастелни бои, а во САД ќе чинат 230 долари, додека перничињата ќе чинат 25 долари. Европската цена сè уште не е позната.



