Алатката за препознавање телефонски измами, Scam Detection, која засега е резервирана само за Pixel уредите, би можела да биде достапна и на претстојните Galaxy S26 модели на Samsung.
Samsung би можел во својата претстојна флегшип серија на паметни телефони, Galaxy S26 да ја воведе Google функцијата Scam Detection – алатка за препознавање телефонски измами базирана на вештачка интелигенција. Информацијата доаѓа од анализа на кодот во апликацијата Phone by Google, во кој директно се споменуваат моделите Galaxy S26.
Како што дознава Android Authority, во кодот се наведуваат ознаките SM-S942 (Galaxy S26), SM-S947 (Galaxy S26+) и SM-S948 (Galaxy S26 Ultra), заедно со референца на Scam Detection, кој интерно го носи кодното име „sharpie“. Ова речиси сигурно укажува дека Google технологијата за детекција на измами, било тестно или како планирана функција, доаѓа на новите Samsung флегшип модели.

За оние кои можеби не знаат, Scam Detection моментално е достапен исклучиво на Google Pixel уредите, и тоа само на моделите од сериите Pixel 9 и Pixel 10, каде што го користи Gemini Nano AI кој работи директно на уредот. Постој и поедноставна верзија на функцијата, базирана на локално машинско учење, која е достапна и на постарите Pixel уреди, како Pixel 6, 7 и 8. Во двата случаи, функцијата засега е ограничена на неколку пазари, вклучувајќи ги САД, Обединетото Кралство и Канада.
Интересен детал во целата приказна е тоа што Samsung телефоните стандардно не ја користат апликацијата Phone by Google, туку своја сопствена апликација. Иако Phone by Google може да се инсталира преку Play Store, не е јасно дали апликацијата би ги имала потребните системски дозволи за работа на напредните AI функции на Samsung уредите.
![]()
Една од можностите е Samsung со доаѓањето на One UI 8.5, кој би требало да пристигне токму заедно со серијата Galaxy S26, да премине на Google апликацијата Phone како стандардно решение. Дали тоа навистина ќе се случи, засега не е потврдено. Повеќе информации ќе бидат познати по претставувањето на новите Samsung телефони, кое се очекува следниот месец.


