На конференцијата The Economist MeetUp The World Ahead 2026, која се одржа во Скопје минатиот месец, еден од панелистите беше Ведран Бајер, генерален менаџер на Wonderful AI за Адриа регионот, кој испрати јасна порака: Вештачката интелигенција не е алатка што се додава, туку начин на кој компаниите мора да функционираат ако сакаат да останат релевантни.
Според Бајер, подготвеноста на компаниите во регионот за премин од класични дигитални алатки кон вистинска ВИ-придвижена автоматизација е „и да и не“. Дел од компаниите веќе активно работат со интелигентни агенти (AI agents) и напредна автоматизација, додека други сè уште ја гледаат ВИ како нешто што допрва треба да дојде. Реалноста, како што истакна, е дека ВИ веќе е тука, а оние што чекаат, тешко ќе го фатат чекорот.
„ВИ не е алатка како сите други. Таа ја менува компанијата и вертикално и хоризонтално. Ако денес почнете да експериментирате, а некој друг утре – разликата веќе е ненадоместлива“, нагласи Бајер.

Еден од најголемите митови, според него, е стравот дека ВИ ќе ги замени луѓето. „Тоа е апсолутно погрешно. ВИ ги прави луѓето помоќни и подобри во нивната работа. Проблемот не е ВИ, туку проблемот е ако не знаете како да ја користите.“ Фокусот на Wonderful AI, како што појасни, не е замена на човечкиот фактор, туку овозможување раст, ефикасност и подобри резултати. Како илустрација, Бајер направи едноставна споредба: ВИ е како ЛЕД-лампа, достапна за сите, но сè уште има компании што одат со свеќа.
Тој се осврна и на времето за имплементација, кое често се перципира како долго и комплицирано. Во пракса, вели Бајер, имплементацијата може да биде исклучително брза, толку брза што понекогаш и самите компании бараат да се забави процесот. Најголемата кочница, според него, е претераното стратегизирање наместо јасно дефинирање на проблемот и практичен пристап кон решението.
Во однос на дилемата дали ВИ е „меур“ (AI bubble), Бајер одговори со факти. Wonderful AI во последните десет месеци обезбеди две рунди на капитал – 34 милиони долари по пет месеци и 100 милиони долари по десет месеци. „Овие бројки не доаѓаат од добра презентација, туку од резултати. Компаниите со кои работиме добиваат директно и мерливо влијание и висок поврат на инвестиција“, истакна тој.
Клучната порака од панелот беше јасна: Иднината не се планира со стратегии од десет години, туку се гради преку постојано учење, експериментирање и брза адаптација. „ВИ веќе влијае на нашиот живот, не само на бизнисот. Прашањето не е дали, туку колку брзо ќе почнеме свесно да ја користиме“, заклучи Бајер.


