Минатата година означи клучна пресвртница во развојот на генеративната вештачка интелигенција, во која фокусот на алгоритамската ефикасност, интеграцијата во екосистеми и автономното дејствување го редефинираа глобалниот пазар.
Изминатата 2025 година на пазарот на генеративна вештачка интелигенција беше обележана со исклучителна динамика, појава на неочекувани играчи, но и со неколку клучни промени кои го најавија доаѓањето на нова парадигма во развојот на моделите. Иако ChatGPT во текот на целата година го задржа статусот на водечки сервис според вкупниот обем на сообраќај, конкуренцијата оствари значителен напредок, правејќи ја пазарната битка за корисници поинтересна, а алатките сè подостапни и поквалитетни.
Преглед на годината
Според статистиките на SimilarWeb, првиот значаен „потрес“ на AI пазарот се случи во февруари, со појавата на кинескиот модел DeepSeek, кој забележа скок на интернет-сообраќајот од 121%. Лансирањето на моделот DeepSeek V4 предизвика глобална „криза“ затоа што со перформансите им парираше на водечките американски модели, а притоа имаше драстично пониски трошоци за тренирање. Овој настан ја принуди индустријата приоритет да ѝ даде на алгоритамската ефикасност наместо на обичното зголемување на компјутерската моќ.

Наглата појава на DeepSeek
Речиси истовремено, xAI на Маск го лансираше Grok 3, што резултираше со астрономски раст на сообраќајот од над 4.000%, исто така во февруари. Иако Grok привлече масовно внимание со својата специфична „личност“ и интеграцијата со платформата X, податоците покажуваат дека во текот на летните месеци се соочи со потешкотии во задржувањето на корисниците во споредба со алатките фокусирани на продуктивност.

Скокот на Grok и ладењето на интересот
Од друга страна, Google-овиот Gemini се покажа како најстабилниот „нов“ играч со вкупен годишен раст од 548%. Клучни моменти за Google беа септември, кога беше претставен Gemini 2.5 со напредни мултимодални можности, и декември, кога беше лансиран Gemini 3. Предноста на Google тука лежи во длабоката интеграција на AI алатките во постојниот екосистем, со што користењето на нивната вештачка интелигенција има за цел да стане незабележлив дел од секојдневната работа во Gmail и другите алатки.

Бавен, но сигурен напредок на Gemini
Октомври 2025 донесе нова фаза од пазарната битка во која Meta, Anthropic и Perplexity ја трансформираа улогата на chatbot-ите. Meta AI ја искористи својата социјална база со интеграција во Facebook и Instagram, додека Anthropic и Perplexity направија исчекор кон „агентска AI“. Anthropic ја воведе функцијата „Skills“ која му овозможува на Claude да извршува комплексни работни процеси, додека Perplexity го лансираше прелистувачот Comet за автономно истражување на интернетот.

Крајот на годината јасно покажа дека индустријата се помести од модели кои само даваат информации кон системи кои самостојно извршуваат задачи. Победници во оваа фаза од развојот повеќе не се само оние што нудат одговори, туку оние чии системи можат автономно да пребаруваат, кодираат и управуваат со професионални работни процеси во име на корисникот, како и да користат контекст за да ги приспособат и усогласат AI-одговорите со тоа што на секој поединечен корисник во дадениот момент навистина му е потребно.


