Со аквизицијата на стартапот Common Sense Machines, тој ќе биде приклучен кон AI тимот на DeepMind, а напредните модели што претвораат слики во 3D ќе им служат за развој на игри и виртуелни светови.
Google овие денови го потврди преземањето на стартапот Common Sense Machines со седиште во Кембриџ, кој е специјализиран за развој на модели на генеративна вештачка интелигенција. Оваа аквизиција, чија финансиска вредност не е јавно објавена, претставува нов чекор во напорите на Google да го забрза развојот на просторни модели во рамките на својот AI оддел DeepMind. Стартапот претходно има собрано околу 10 милиони долари инвестиции и бил проценет на приближно 15 милиони долари.

Од 2D во 3D
Основачот и ко-извршен директор на CSM, Тејас Кулкарни, претходно работел како истражувач токму во Google DeepMind, што ја прави оваа аквизиција еден вид враќање на талентот во матичната компанија. Заедно со него, на тимот на Google ќе му се придружат околу петнаесет клучни инженери и експерти од CSM. Се очекува дека интеграцијата на нивните технологии, како што е CommonSim engine, ќе овозможи побрза изработка на комплексни 3D елементи од едноставни скици или видеа. Корисниците веќе се возбудени од фактот што нивните омилени алатки, како Gemini и неговиот модел Nano Banana, во иднина би можеле да понудат и работа со 3D објекти и сцени, како и создавање просторна содржина наместо само класични илустрации. Друга можна примена на купените технологии е нивната интеграција во оперативниот систем Android XR.
Главниот фокус на Common Sense Machines е решавање на тесното грло во продукцијата на 3D дигитални објекти, процес кој традиционално бараше часови работа од стручњаци. Нивните AI модели им овозможуваат на корисниците лесна и брза трансформација на дводимензионални слики или текст во дигитални објекти подготвени за користење во видеоигри, дизајн и виртуелна реалност.

Овој потег на Google доаѓа во екот на интензивната трка со конкуренти како OpenAI и Meta во областа на напредната вештачка интелигенција. Додека другите сè уште се потпираат на надворешни алатки за геометриско моделирање, Google сега директно ја контролира интелектуалната сопственост и податоците потребни за автоматизација на 3D генерирањето.


