Нова мапа со висока резолуција на далечни галаксии би можела да им помогне на научниците подобро да ја разберат мистериозната невидлива супстанца која помага универзумот да се држи на куп.
Обичната материја околу нас, ѕвездите, планетите и луѓето, сочинува само околу пет проценти од универзумот. Веќе со децении истражувачите се обидуваат да ја разоткријат таканаречената темна материја — материјал што сочинува нешто повеќе од една четвртина од нашиот универзум. Остатокот му припаѓа на уште една подеднакво загадочна сила — темната енергија.
Темната материја не апсорбира ниту емитува светлина, па научниците не можат директно да ја набљудуваат. Наместо тоа, тие следат како нејзината гравитација ја изобличува и искривува материјата околу себе, на пример светлината од далечните галаксии. Со анализа на тие изобличувања на големи делови од универзумот, научниците можат да се доближат до откривање на темната материја и нејзините „скривалишта“.
Најновата мапа, создадена со користење снимки од вселенскиот телескоп James Webb на NASA, е најдетална досега кога станува збор за толку голем дел од небото. Таа има двојно поголема резолуција од претходните обиди направени со вселенскиот телескоп Hubble и опфаќа стотици илјади галаксии наназад до пред 10 милијарди години.
„Сега сè можеме да го видиме многу појасно“, изјави авторката на студијата, Дијана Скоњамилио од Лабораторијата за млазен погон (Jet Propulsion Laboratory) на NASA.

Мапата, која беше објавена во понеделник во списанието Nature Astronomy, носи нови податоци за јата галаксии и нишките од темна материја што ги поврзуваат. Токму овие структурирани делови, сегмент по сегмент, го градат своевидниот „скелет“ на универзумот. Научниците можат да ја проучуваат мапата за да видат како темната материја се натрупувала и групирала низ милијарди години.
Темната материја нема големо влијание врз вашиот дневен избор за ручек или вечерната рутина пред спиење. Сепак, таа незабележливо поминува низ вашето тело цело време и го обликувала универзумот каков што денес го познаваме.
Како што вели астрофизичарката Рутупарна Дас од Харвард-Смитсонијан Центарот за астрофизика, луѓето природно се љубопитни да дознаат повеќе за сопственото потекло, а таа приказна не може да се раскаже без темната материја.
„Нашиот дом е универзумот и сакаме да разбереме каква е неговата природа“, изјави Дас, која не учествувала во новата студија.


