Група корисници поднесoa колективна тужба против Meta Platforms во САД поради тврдења дека WhatsApp наводно чува, анализира и може да пристапи до приватните пораки и покрај ветувањата за end-to-end енкрипција, додека Meta овие обвинувања ги нарекува неосновани.
Група корисници од Австралија, Бразил, Индија, Мексико и Јужна Африка поднесе колективна тужба (class-action) во Калифорнија против Meta Platforms Inc. и нејзиниот сервис за размена на пораки WhatsApp, тврдејќи дека компанијата лажно ја прикажува безбедноста и приватноста на комуникацијата на платформата. Тужбата е поднесена во окружниот суд во Сан Франциско и е фокусирана на она што корисниците го сметаат за основна компонента на WhatsApp: end-to-end енкрипцијата.
WhatsApp одамна истакнува дека пораките се заштитени со end-to-end енкрипција, што значи дека само испраќачот и примачот можат да ги читаат, слушаат или споделуваат пораките и дека ниту Meta, ниту која било трета страна не може да пристапи до нивната содржина. Ова во апликацијата јасно им се прикажува на корисниците како безбедносна карактеристика на услугата.
Меѓутоа, во тужбата се тврди дека тие изјави не се вистинити и дека Meta всушност „чува, анализира и може да пристапи до практично сите наводно приватни комуникации“ на корисниците на WhatsApp, вклучувајќи ја и содржината на пораките. Тужителите тврдат дека ваквите ветувања ги навеле да веруваат дека нивната комуникација е целосно приватна, додека реалноста, наводно, е поинаква.

Во тужбата исто така се наведува дека дел од овие информации биле „откриени“ со помош на свиркачи (whistleblowers), иако во јавно доставените документи не се објавени детали за тоа кои се тие извори или што точно откриле. Тужителите бараат судот да го признае случајот како колективна тужба, што би можело да опфати милиони корисници на WhatsApp ширум светот.
Meta остро ги отфрли овие обвинувања. Портпарол на компанијата ја нарече тужбата „несериозна и без основа“ (frivolous), нагласувајќи дека тврдењата дека WhatsApp не користи енкрипција се „категорично неточни и апсурдни“. Meta повторува дека WhatsApp веќе десет години користи end-to-end енкрипција базирана на Signal протоколот и дека компанијата не може да ги чита пораките на корисниците.
Овој случај доаѓа во момент кога приватноста во дигиталната комуникација е под сè поголем притисок од јавноста и регулаторите, а големите технолошки компании, вклучувајќи ја и Meta, сè почесто се соочуваат со критики и правни постапки поврзани со обработката на податоци и транспарентноста на политиките. Meta, покрај оваа тужба, во последните неколку години беше предмет и на други истраги и казни поради политиките за приватност на WhatsApp во различни јурисдикции.
Доколку судот ја признае тужбата како колективна, тоа би можело да има сериозни последици за угледот на WhatsApp и поширокиот имиџ на Meta, бидејќи расправата за тоа што навистина значи енкрипцијата за корисниците би се нашла во центарот на правниот процес — прашање што не се однесува само на ветувањата на компанијата, туку и на очекувањата на милијарди корисници ширум светот, пренесува Yahoo Finance.


