Google отсега овозможува внесување текстуални команди при креирање видео клипови од фотографии во апликацијата Photos, со што корисниците добиваат поголема контрола врз содржината генерирана со вештачка интелигенција.
Google Photos уште минатата година доби AI опција за претворање фотографии во видео, но целиот процес главно беше препуштен на вештачката интелигенција и на автоматска процедура. Сега Google оди чекор понатаму и воведува можност за внесување текстуални упатства, па корисникот сам, според своите желби, одредува како фотографијата ќе биде претворена во видео, наместо AI да го прави тоа според сопствена проценка.
Во унапредената верзија на функцијата, претворањето фотографии во видео сега поддржува прилагодени текстуални команди. Корисникот може да го опише посакуваното движење, стил или ефект, за крајниот резултат да биде поблизок до неговата замисла, што значително го зголемува чувството на контрола за време на креативниот процес. Системот, покрај слободниот внес на текст, нуди и готови предлози за побрза употреба, а доколку резултатот не испадне како што се очекувало, можно е дополнително да се прилагодат инструкциите и повторно да се генерира видеото.

Google Photos носи повеќе контрола и дополнителен звук во видеата
Уште една важна новина е тоа што видеата генерирани со оваа функција сега можат автоматски да добијат и звучни ефекти, со што содржината делува поцелосно. Ваквиот пристап беше најавен уште при претставувањето на видео моделот Google Veo 3, а сега конечно е интегриран и во Google Photos.
Google напоменува дека резултатите нема секогаш да бидат совршено прецизни и ги повикува корисниците да го користат системот за повратни информации со цел алатката дополнително да се унапредува.
Исто така, AI функциите во Google Photos, вклучувајќи го и претворањето фотографии во видео, моментално се достапни само на одредени пазари, ограничени се на корисници постари од 18 години и имаат дневен лимит на генерирање. Претплатниците на Google AI Pro и слични платени пакети имаат поголеми дозволени квоти за користење на овие опции, соопшти Google.


