Компанијата Nothing наскоро би можела да ја претстави новата генерација на свои паметни телефони од средната класа, со оглед на тоа што моделите Nothing Phone (3a) и (3a) Pro беа лансирани во март минатата година, а нивните наследници, според сè изгледа, се приближуваат до официјалното деби.
Моделот Nothing Phone (4a) Pro за првпат се појави уште во септември во IMEI базата на податоци, додека во декември протекоа повеќе информации за двата претстојни уреди, вклучувајќи и дел од техничките спецификации.

На почетокот на овој месец компанијата Nothing потврди и надградба на меморијата за најмалку еден од моделите, со најава за можен раст на цената.
Најновите информации укажуваат дека Nothing Phone (4a) е сертифициран во Обединетите Арапски Емирати од страна на регулаторната агенција TDRA, под ознаката на моделот A069. За споредба, претходно откриениот IMEI запис за Nothing Phone (4a) Pro ја носи ознаката A069P, што дополнително потврдува дека станува збор за Pro варијанта, пренесува GSMArena.

Иако TDRA сертификатот не носи нови технички детали, самиот факт дека уредот го поминал регулаторниот процес сугерира дека официјалното претставување е многу блиску.
Nothing Phone (4a) и (4a) Pro би требало да користат чипсети од серијата Snapdragon 7, иако точните модели сè уште не се познати. Pro верзијата наводно ќе поддржува eSIM, додека барем еден од уредите ќе има UFS 3.1 меморија.
Повеќе детали се очекуваат во наредните недели, како што се приближува официјалното претставување на новите Nothing уреди.
