Samsung го претставува првиот 2 nm чип за телефони, а Exynos 2600 GPU во дел од графичките тестови го победи моментално најмоќниот Qualcomm Snapdragon.
Според најновите информации, Samsung го завршил развојот на чипот Exynos 2600 базиран на 2 nm производствен процес, со што овој чипсет станува првиот мобилен чип во светот изработен во оваа технологија. Првите резултати од тестирањата укажуваат не само на високи перформанси, туку и на исклучителна стабилност, особено кога станува збор за графичкиот подсистем.
Врз основа на збирните резултати од Geekbench 6 OpenCL тестовите, објавени од извори на кинеските социјални мрежи, Exynos 2600 во повеќето случаи постигнува над 25.000 поени. Она што е особено интересно е минималното отстапување меѓу најнискиот и највисокиот резултат – само 3,4%, што укажува на многу изедначени перформанси. За споредба, само еден телефон со чипот Snapdragon 8 Elite 5 успеал да ја надмине границата од 25.000 поени, и тоа Red Magic 11 Pro.

Exynos 2600 користи Xclipse 960 GPU – првиот мобилен графички процесор базиран на прилагодена AMD RDNA 4 архитектура. Според достапните податоци, овој GPU во Geekbench 6 OpenCL тестот го надминува дури и Snapdragon X Elite платформата користена во лаптопот Galaxy Book4 Edge, што јасно говори за сериозен скок во графичките можности на Samsung чипсетите.
Високите перформанси не доаѓаат само од архитектурата, туку и од производствените и термалните иновации. Exynos 2600 е првиот Samsung мобилен чип кој користи FOWLP (fan-out wafer-level packaging) технологија, заедно со новата HPB техника за контрола на преносот на топлина, која има поефикасен пренос и ослободување на топлината за околу 16%. Ова овозможува постабилна работа под оптоварување и подобри перформанси во континуитет.
Се очекува Exynos 2600 да дебитира во рамките на серијата Samsung Galaxy S26, чија премиера и почеток на продажба се очекуваат во текот на март. Доколку овие резултати се потврдат и во комерцијалните уреди, Samsung би можел да се врати на самиот врв според перформансите на мобилните уреди, особено на GPU страната.


