Vivo ја проширува својата X200 серија со новиот vivo X200T – поевтин, но сè уште вистински флегшип уред кој носи премиум изработка, моќен хардвер и напреден сет на камери развиени во соработка со Zeiss.
Новиот vivo X200T прво стартува на индискиот пазар и доаѓа во две бои – Stellar Black и Seaside Lilac. Телефонот има метална рамка и стакло од двете страни, како и IP68 и IP69 сертификати за отпорност на вода и прашина.
Камера-системот е еден од главните адути на X200T и се состои од тројна 50MP Zeiss конфигурација. Главната камера користи 50MP LYT702 сензор со големина од 1/1.56 инчи, ултрашироката камера е 50MP JN1 со автофокус, додека телефото камерата користи 50MP LYT600 сензор со 3x оптички зум и фокусна должина од 70mm. На предната страна има 32MP селфи камера со фиксен фокус.

Уредот располага со 6.67-инчен Zeiss Color Master AMOLED дисплеј со 10-битни бои, 120Hz освежување и максимална осветленост до 5.000 nits, а екранот е заштитен со Schott стакло.
Во внатрешноста работи 3-нанометарскиот Dimensity 9400+ процесор, во комбинација со 12GB LPDDR5X RAM и 256GB или 512GB UFS 4.1 простор за складирање. Смартфонот работи на Android 16 базиран на OriginOS 6, а vivo ветува пет години надградби на оперативниот систем и седум години безбедносни ажурирања.

За автономијата е задолжена 6.200mAh силициумска батерија од нова генерација со поддршка за 90W жично и 40W безжично полнење, како и bypass charging функција која го намалува загревањето при интензивна употреба.
vivo X200T ќе се продава во конфигурации од 12GB/256GB и 12GB/512GB по цена од 59.999 и 69.999 индиски рупии, што е приближно 550 и 640 евра. Купувачите во Индија добиваат и дополнителни бенефиции како cashback или trade-in попуст, 18 месеци бескаматно плаќање на рати и една година продолжена гаранција.

Со X200T, vivo очигледно цели да понуди премиум корисничко искуство по подостапна цена, комбинирајќи моќен хардвер, напредни камери и исклучително добра автономија.


