Голем екран, исклучителна издржливост, огромна батерија и 200 MP камера во пакет што повторно цели кон врвот на средната класа
Текст и фото: НИКОЛА БУРАГЕВ
Xiaomi пред извесно време ги претстави телефоните од Redmi Note 15 серијата – моделите Redmi Note 15 и Redmi Note 15 Pro, а во редакцијата на Конект.мк пристигна најмоќниот модел во серијата – Redmi Note 15 Pro+ 5G.
Redmi Note серијата на Xiaomi со години е еден од најважните столбови на кинеската компанија, особено на пазари како нашиот, каде што корисниците бараат што е можно повеќе за вложените пари. Со Redmi Note 15 Pro+, компанијата уште еднаш се обидува да ја помести границата на тоа што значи „средна класа“ – со голем AMOLED екран, масивна батерија, многу брзо полнење и камера со резолуција од дури 200 мегапиксели.
На хартија, Note 15 Pro+ изгледа како телефон што веќе опасно се приближува до повисоката класа, но во пракса, Xiaomi направи и неколку компромиси – особено во делот на камерите, каде што овој модел има поинаква филозофија од својот претходник. Прашањето е: дали тие компромиси се оправдани и дали Redmi Note 15 Pro+ навистина претставува вистински апгрејд?

Дизајн и секојдневно искуство
Redmi Note 15 Pro+ визуелно делува како уред што припаѓа на повисоката класа. Закривениот AMOLED екран, тенките рамки и кожната задна страна му даваат премиум изглед, а чувството во рака е солидно и стабилно. Телефонот не е мал ниту лесен, но тоа е очекувано со оглед на големата батерија и големиот дисплеј.
Redmi Note 15 Pro+ доаѓа во досега најиздржливо куќиште, а Xiaomi тврди дека е цврсто како титаниум, иако реално во него нема титаниум. Како и Pro моделот, Pro+ е изработен од издржлив поликарбонат, односно стаклопластика, иако рамката многу убедливо имитира метал. Ултра-цврстата стаклопластика на задната страна наводно е 10 пати поотпорна на удари, а екранот е заштитен со Gorilla Glass Victus 2 стакло, кое обично го гледаме само кај телефоните од премиум сегментот.


Во однос на изгледот, 15 Pro+ е многу сличен со 15 Pro моделот. Основната разлика е што Plus моделот има благо закривен, а обичниот Pro целосно рамен 6,83-инчен екран. Plus моделот што го имавме на тест доаѓа во Mocca Brown боја, со задна страна обложена со материјал што наликува на кожа, и токму оваа варијанта остава особено добар впечаток во рака. Наместо класично стакло, задниот дел има потопла и помека текстура, која не собира отпечатоци од прсти и нуди подобар „грип“ при користење без футрола. Освен што е попрактична, оваа завршна обработка му дава и порафиниран, посериозен изглед на телефонот, кој повеќе потсетува на премиум уред отколку на типичен претставник од средната класа.
Читачот на отпечатоци сместен под екранот и е поставен пониско отколку што би сакале, а распоредот на копчињата и отворите е стандарден. 15Pro+ моделот поседува стерео звучници и фиока за две nano SIM картички, без поддршка за мемориски картички.
Споредба со Redmi Note 14 Pro+
На прв поглед, Redmi Note 15 Pro+ делува како логично продолжение на минатогодишниот модел, но во суштина станува збор за уред кој ја менува филозофијата на серијата во одредени сегменти. Новиот модел носи поголем екран, значително поголема батерија и побрзо полнење, како и понов процесор, но истовремено го губи телеобјективот што го имаше неговиот претходник. Тоа значи дека додека Note 15 Pro+ е помоќен, поиздржлив и попрактичен за секојдневна употреба, во фотографскиот дел нуди поинаков пристап кој повеќе се потпира на висока резолуција и софтверска обработка отколку на оптичка флексибилност. За дел од корисниците ова ќе биде прифатлива замена, но за оние кои често користат зум, ова може да се почувствува како чекор наназад.

Издржливост
Покрај визуелниот впечаток, Redmi Note 15 Pro+ се истакнува и со својата издржливост. Xiaomi овојпат сериозно се посветил на квалитетот на изработка, па така телефонот доаѓа со Gorilla Glass Victus 2 на предната страна и со цел сет на сертификати за заштита – IP66, IP68 и IP69. Ова значи дека уредот не е само отпорен на прашина и потопување во вода, туку и на силни млазови вода под притисок, што е реткост дури и кај поскапите модели.

Redmi Note 15 Pro+ ги заслужи своите 5 SGS ѕвезди со докажаната отпорност на падови од висина до 2,5 метри, притисок и свиткување. За потребите на тестот, со тешко срце го фрлавме на разни подлоги, обидувајќи се да симулираме секојдневни ситуации. Уредот преживеа без поголеми траги на користење, а тестирањето на водоотпорност покажа дека може да биде потопен во вода на длабочина од 2 метри цели 24 часа без последици.

Со други зборови, добивме смартфон, кој со конвенционален и елегантен дизајн нуди натпросечна издржливост. Ако сте меѓу оние што не сакаат заштитни маски, иако и тие се вклучени во пакувањето, овој телефин е токму за вас.
Во пракса, ова значи дека Redmi Note 15 Pro+ е телефон што може без проблем да го издржи секојдневното користење, па дури и понекоја незгода, што е голем плус за корисниците кои планираат да го користат уредот подолг временски период.

Екран
Екранот е една од најсилните страни на Redmi Note 15 Pro+ и токму тука Xiaomi јасно покажува амбиција да понуди искуство кое е блиску до повисоката класа. Станува збор за голем 6.83-инчен AMOLED панел со освежување од 120 Hz, кој нуди одлична острина, многу добра осветленост и живи, но природни бои. Во секојдневна употреба, телефонот е подеднакво пријатен и за читање содржини и за гледање видеа, а високата осветленост до 3200 нита обезбедува добра читливост и на директна сончева светлина. Поддршката за HDR10+ и Dolby Vision дополнително го подобрува мултимедијалното искуство и прави овој уред да биде одличен избор за корисниците кои многу конзумираат видео-содржини. Закривениот дизајн му дава дополнителен премиум изглед, иако не секој корисник е љубител на ваков тип дисплеи од практични причини.

Покрај квалитетот на приказот, Xiaomi доста вложил и во заштита на очите и комфорот при долготрајно користење. Панелот поддржува висока PWM диминг фреквенција, што значително го намалува заморот на очите при користење во темни услови, а автоматската адаптација на осветленоста работи брзо и прецизно. Во пракса, ова го прави телефонот подеднакво пријатен и за долги сесии на читање, и за гледање видеа или скролање на социјални мрежи, без чувство на замор или иритација на очите.
Перформанси
Redmi 15 Pro+ го придвижува 4-нанометарскиот Snapdragon 7s Gen 4, со 8 или 12 GB RAM и 256 или 512 GB, а се одликува со IceLoop ладење и HyperAI12 технологија. Snapdragon 7s Gen 4 не е процесор од врвната класа, но при реалното користење, се покажува како повеќе од доволен во секојдневната употртеба. Станува збор за чипсет кој балансира помеѓу моќ и ефикасност, што во пракса значи дека телефонот делува брзо и стабилно во повеќето секојдневни сценарија. Сите основни задачи како отворање апликации, скролање низ социјални мрежи, прелистување веб-страници или работа со е-пошта се одвиваат без застој. Мултитаскингот се одвива без проблеми дури и кога во исто време има отворено повеќе апликации, што јасно покажува дека оптимизацијата помеѓу хардверот и софтверот е добро изведена.

Кога станува збор за посложени сцени како игри, Note 15 Pro+ не е телефон што ќе ги сруши сите рекорди, но сепак се справува многу подобро отколку што се очекува од уред од „средната класа“. Популарните наслови што не бараат „највисоки графички сетинзи“ работат течно и со рамномерни фрејмови, а при гејмингот не се чувствува значајно прегревање или нагли падови на перформансите. Дополнителен плус е и контролата на температурата. И при подолга употреба или при играњето игри, телефонот останува релативно ладен и не покажува агресивно намалување на перформансите. Xiaomi очигледно добро го оптимизирал системот за ладење, што значи дека перформансите се стабилни и предвидливи, без нагли падови кои знаат да бидат проблем кај некои уреди од оваа класа.
Софтвер

Redmi Note 15 Pro+ доаѓа со HyperOS 2 базиран на Android 15, и во пракса нуди брзо, флуидно и визуелно модерно корисничко искуство. Интерфејсот е мазен, анимациите се пријатни и системот реагира брзо на сите команди, без чувство на тежина или успорување. Xiaomi очигледно има направено добар баланс помеѓу функционалност и визуелен идентитет, па HyperOS делува позрело и пополиранo од претходните MIUI верзии. Сè уште има одреден број прединсталирани апликации, што нема да им се допадне на сите корисници, но добра вест е што поголемиот дел од нив може лесно да се избришат. Во целина, софтверското искуство е стабилно, брзо и доволно флексибилно за да ги задоволи и напредните и просечните корисници.

Батерија и брзо полнење
Еден од најсилните адути на Redmi Note 15 Pro+ е неговата батерија. Со капацитет од 6.500 mAh, овој уред лесно издржува цел ден интензивна употреба, а во случај на умерено користење, батеријата често постигнува и до два дена автономија. Xiaomi исто така користи силикон-карбонска технологија, што му овозможува да смести голем капацитет во прилично тенок профил, без да ги деградира перформансите на батеријата со текот на времето.
Она што дополнително ја зајакнува привлечноста е поддршката за 100W брзо полнење. Ако се користи ваков ултра брз 100W полнач (не доаѓа во кутијата), батеријата може да се наполни од 0 до 50 проценти за само околу 15 минути, а целосно за околу 39 минути. Комбинацијата со 100W брзо полнење значи дека дури и кога батеријата ќе се испразни, доволни се неколку десетина минути за повторно да се добие целосна функционалност, што во пракса значително го менува начинот на користење на смартфонот.

Камери
Камерите се веројатно најконтроверзниот дел од Redmi Note 15 Pro+. Главниот сензор од 200 мегапиксели на хартија звучи импресивно, и при добри светлосни услови навистина испорачува фотографии со многу високо ниво на детали, солиден динамички опсег и природни бои. Големата резолуција овозможува значително кропирање без веднаш да се забележи драстичен пад на квалитетот, што делумно го компензира отсуството на посебен телеобјектив. Сепак, токму тука се гледа разликата во филозофијата во однос на претходниот модел, бидејќи целиот зум се базира на дигитална обработка. До двојно приближување резултатите се многу добри, но со поголемо зумирање постепено се губат деталите и се зголемува зависноста од условите на осветлување.


Во ноќни услови, главната камера успева да извлече солидна количина светлина, а ноќниот режим значително помага, но фотографиите често имаат помек изглед и поагресивна обработка на шумот. Ова значи дека резултатите се добри за оваа класа, но не се на ниво на поскапите модели.
Ултрашироката камера од 8 мегапиксели е функционална, но не нуди ништо повеќе од просечно искуство, особено во послаба светлина. Селфи камерата од 32 мегапиксели, пак, нуди сосема солидни резултати за употреба на социјалните мрежи и при видео повици. Видео снимањето е стабилно и употребливо, но повторно, не може да се споредува со вистинските флегшип уреди.
Вреди да се спомене и обработката на фотографиите, која е типична за Xiaomi, но добро избалансирана во овој модел. Телефонот често избира малку поконтрастен и „почист“ изглед на фотографиите, што ги прави веднаш подготвени за споделување на социјални мрежи, без потреба од дополнителна обработка. Понекогаш ова значи дека фините детали се малку изгладени, особено во ноќни услови, но за поголемиот дел од корисниците резултатот ќе биде повеќе од задоволителен и визуелно привлечен.

Заклучок
Redmi Note 15 Pro+ е зрел претставник на средната класа кој нуди одличен дисплеј, исклучителна издржливост, долготрајна батерија, ултра брзо полнење и солидни перформанси. Истовремено, компромисот кај камерите, особено отсуството на телефото леќа, ќе биде фактор што дел од корисниците ќе мора внимателно да го земат предвид. За оние на кои приоритет им се екранот, издржливоста и автономијата и целокупното корисничко искуство, ова е навистина одличен избор. Во целина, Redmi Note 15 Pro+ останува еден од најдобрите и најкомплетни телефони во својата класа.
Во време кога границата меѓу средната и повисоката класа станува сè понејасна, Redmi Note 15 Pro+ е одличен пример за тоа колку далеку стигнаа овие уреди. Ова е смартфон кој нуди навистина зрело и целосно искуство, и кој за голем број корисници може да биде единствениот телефон што ќе им треба во следните неколку години.

Цена и достапност
Сите модели од Redmi Note 15 серијата ќе бидат достапни по промотивни услови до 15 февруари или до исцрпување на залихите. Моделот што го тестуравме Redmi Note 15 Pro+ 5G е достапен во Mocha кафена, Glacier сина и црна боја, во две мемориски конфигурации, со почетна цена од 27,999 ден, со подарок Xiaomi правосмукалка G20 Lite.

ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ
XIAOMI REDMI NOTE 15 Pro+ 5G |
|
Екран |
|
Димензии |
|
Чипсет |
|
Камера |
|
Интерна меморија |
|
Батерија |
|
Полнење |
|
Оперативен систем |
|
Мрежа и поврзување |
|
Безбедност |
|
Отпорност |
|
Оценка |
5/5 |






















