Новите рендер-фотографии покажуваат дека Samsung останува верен на препознатливиот дизајн на својата Galaxy A серија, со помали унапредувања во материјалите и хардверот
Покрај претстојната Galaxy S26 серија, Samsung се подготвува да претстави уште два нови телефони од средната класа: Galaxy A37 и Galaxy A57. Иако одредени спецификации веќе се појавија претходно, сега во јавноста излегоа и рендери кои го откриваат нивниот дизајн.
Според сликите објавени од Android Headlines, двата модели многу личат на своите претходници, Galaxy A36 и Galaxy A56. Од предната страна се наоѓаат големи екрани со централно поставен отвор за предната камера, додека на задната страна има тројна камера. Задржан е и т.н. „Key Island“ елемент на десниот раб, каде што се сместени копчето за вклучување и копчињата за регулирање на јачината на звукот.

Samsung Galaxy A37 и Galaxy A57 носат познат дизајн и очекувани унапредувања
Сепак, рендерите потврдуваат и една од честите забелешки за средната класа на Samsung, а тоа се нерамномерните рамки околу екранот. Долната рамка е забележливо подебела во однос на останатите три, што укажува дека Samsung и понатаму користи класични OLED панели, а не флексибилни, какви што веќе нудат многу конкуренти во овој сегмент.
На прикажаните слики, Galaxy A37 доаѓа во светла, лаванда нијанса и делува како да има пластична рамка, додека Galaxy A57 е прикажан во црна боја и, според сè изгледа, користи метална рамка, што би требало да му даде попремиум чувство во рака.

Што се однесува до хардверот, досегашните извештаи наведуваат дека Galaxy A37 би можел да користи Exynos 1480 процесор, додека за Galaxy A57 се спомнува новиот, сè уште неофицијален Exynos 1680. Се очекуваат варијанти со 6 или 8 GB RAM, како и 128 или 256 GB внатрешна меморија. Двата телефони би требало веднаш „од кутија“ да доаѓаат со Android 16 и One UI 8.5 околина, со ветени шест големи Android надградби.
Кога станува збор за камерите, двата модели би требало да имаат главна камера од 50 MP со оптичка стабилизација на сликата и предна камера од 12 MP. Напојувањето го обезбедува батерија со капацитет од 5.000 mAh со поддршка за 45 W брзо полнење. Меѓу дополнителните опции се спомнуваат IP67 заштита од прашина и вода, стерео звучници и оптички читач на отпечатоци од прст под екранот.
