Samsung оваа година би можел да понуди значително посветол и подостапен OLED телевизор благодарение на нов панел, но без поларизатор и без поддршка за Dolby Vision.
Samsung за 2026 година подготвува освежена генерација на подостапни OLED телевизори, а според најновите информации, моделот S85H би можел да добие значително подобрување во осветленоста благодарение на новиот OLED SE панел од LG Display.
Станува збор за панел кој е истовремено поевтин за производство и посветол од досегашните буџет OLED решенија, што дополнително би можело да ја засили конкуренцијата во понискиот сегмент на OLED пазарот.
Новиот OLED панел носи повеќе светлина, но и поголема рефлексија
Според извештај од корејски извори, Samsung ги зголемил нарачките на OLED панели за 2026 година за околу 30%, при што дел од тие испораки се однесуваат токму на OLED SE панели без поларизатор. Отстранувањето на поларизаторот овозможува поголема осветленост, бидејќи се намалува загубата на светлина, па се очекува новите панели да достигнат и до 1.000 нити максимална HDR осветленост. Тоа е значително повеќе во однос на претходната генерација, каде што S85F достигнуваше околу 777 нити.

Сепак, цената на ова подобрување е зголемена рефлексија. Поларизаторот има клучна улога во намалување на отсјајот, а без него екранот е поподложен на рефлектирање на амбиенталната светлина. Наместо поларизатор, новиот панел користи специјална рефлективна (односно антирефлексна) фолија, но според достапните мерења таа сепак не може целосно да се спореди со решенијата со поларизатор, особено во посветли простории.
Уште еден компромис: нема Dolby Vision
Покрај рефлексијата, Samsung S85H носи уште едно ограничување – изостанува поддршката за Dolby Vision HDR. Samsung и натаму го форсира стандардот HDR10+, додека Dolby Vision е значително пораспространет кај стриминг сервисите и во филмската продукција. Тоа може да има реално влијание врз квалитетот на сликата, особено кај телевизори што не достигнуваат екстремно високи нивоа на осветленост.

Според споредбените тестови од претходната генерација, Dolby Vision може значително да го подобри приказот на HDR содржини кај OLED телевизори со пониска осветленост, благодарение на попрецизно мапирање на тоновите. Поради тоа, се очекува дека конкурентниот модел на LG, кој го користи истиот панел но поддржува Dolby Vision, ќе има предност кај одредени типови содржини.
Сепак, и покрај компромисите, новата генерација OLED SE панели би можела да претставува значаен исчекор за подостапните OLED телевизори. Вистинскиот одговор на прашањето дали Samsung S85H е „поевтин OLED што вреди да се почека“ ќе дојде дури по деталните тестирања, но јасно е дека во 2026 година нè очекува многу интересна борба во овој сегмент.


