Оваа пролет би можеле да добиеме нов конкурент во категоријата „best buy“ таблети. Станува збор за Xiaomi Pad 8 Pro, кој според информациите од Geekbench, ќе пристигне и на глобалниот пазар.
Xiaomi во Кина минатиот септември го претстави Pad 8 Pro, својот најмоќен таблет досега. Иако тогаш не се зборуваше дали ќе пристигне и надвор од кинескиот пазар, сега тоа е потврдено благодарение на Geekbench.
Имено, глобалната верзија на овој таблет е забележана во базата на Geekbench под бројот на модел 25091RP04G. Буквата „G“ на крајот потврдува дека станува збор за модел наменет за пазари надвор од Кина.

Според достапните податоци, таблетот на Geekbench постигнал 2.940 поени во еднојадрен тест и 8.759 поени во повеќејадрен тест. Како и кинеската варијанта, го придвижува Qualcomm Snapdragon 8 Elite во комбинација со 8 GB RAM, што е основната конфигурација во Кина.
Сѐ уште не е познато дали глобалниот Xiaomi Pad 8 Pro ќе биде целосно идентичен со кинеската верзија, но ако биде, можеме да очекуваме: 11,2-инчен IPS LCD екран со 144 Hz, максимална осветленост од 800 нити, до 512 GB меморија, задна камера од 50 MP, предна камера од 32 MP, батерија од 9.200 mAh со поддршка за 67W жично полнење и Android 16 со HyperOS 3.

Иако претставувањето сè уште не е официјално потврдено, логично место за глобална премиера на овој таблет би бил истиот настан на кој Xiaomi ќе го претстави и Xiaomi 17 Ultra. Според сè, тоа треба да се случи во Барселона, на MWC на почетокот на март.

