Google цврсто одлучи дека репродукцијата во позадина ќе биде наменета исклучиво за членовите на YouTube Premium, па затоа ја затвора дупката што овозможуваше оваа функција да се користи бесплатно преку алтернативни прелистувачи.
Google потврди дека ги затвора техничките пропусти кои на одредени корисници им овозможуваа бесплатна позадинска репродукција на содржини на YouTube — функција која инаку е наменета исклучиво за претплатниците на YouTube Premium.
За оние кои не знаат, досега некои корисници можеа да репродуцираат YouTube содржини во позадина користејќи алтернативни интернет-прелистувачи, како што се Samsung Internet, Brave или Vivaldi, но Google го „провиде“ тоа и го измени начинот на функционирање на системот за да ја спречи оваа практика.

„Позадинската репродукција е наменета исклучиво за членовите на YouTube Premium. Иако некои корисници без Premium претплата претходно можеа да пристапат до оваа функција преку мобилни прелистувачи во одредени ситуации, го ажуриравме корисничкото искуство за да обезбедиме доследност на сите наши платформи“, соопштија од Google.
Не е познато колку корисници ќе бидат засегнати од оваа промена и дали тоа ќе резултира со преминување на дел од нив кон YouTube Premium.


