Како и практично секоја друга технолошка компанија, Mozilla вгради генеративни AI функции во своите производи. Сепак, сега признава дека не сите корисници сакаат работи како чат-ботови во страничната лента на Firefox, па затоа им овозможува целосно да ги исклучат.
Mozilla на 24 февруари (или порано во Firefox Nightly верзиите) ќе го објави Firefox 148, кој ќе вклучува посебен оддел за AI контроли во поставките на десктоп-прелистувачот. Таму, корисниците ќе можат да ги блокираат тековните и идните генеративни AI функции или да овозможат само одбрани алатки.
Во почетокот, корисниците ќе имаат можност да ги оневозможат (или овозможат) чат-ботовите во страничната лента, автоматските преводи и генерирањето алтернативен текст за PDF-документи. Исто така, ќе можат да ја исклучат алатката наречена AI-enhanced tab grouping, која нуди предлози за поврзани јазичиња и имиња на групи, како и прегледи на веб-страници што прикажуваат „клучни точки“ пред корисникот всушност да кликне на линкот. Доколку сакате целосно да се ослободите од сето ова и Firefox да не ве вознемирува со pop-up прозорци и известувања за тековните и идните AI функции, доволно е да проверите дали прекинувачот „Block AI enhancements“ е вклучен.

Можно е во Mozilla да сфатиле дека, наместо AI непотребно да троши ресурси и да предизвикува преоптоварување на апликациите, она што многу луѓе навистина го сакаат е брз, безбеден и поедноставен веб-прелистувач. Во најмала рака, давањето можност корисниците да ги исклучат функциите што не ги сакаат е позитивен чекор.



