Xiaomi 17 Ultra наскоро пристигнува во Европа, и тоа по цена која нема да се разликува од цената на претходниот модел.
Минатата недела, во една германска продавница беше објавена цената за Xiaomi 17 заедно со клучните спецификации на уредот, а денес истите тие детали се објавени и за најмоќниот модел на кинескиот производител – Xiaomi 17 Ultra.
Според овие информации, Xiaomi 17 Ultra ќе се продава во Европа по цена од 1.499 евра, и тоа исклучиво во конфигурација со 16 GB RAM и 512 GB внатрешна меморија.
Иако оваа цена во никој случај не е мала, треба да се има предвид дека таа не е променета во однос на претходниот Xiaomi 15 Ultra, па дури ни во споредба со постариот Xiaomi 14 Ultra. Исто така, не е променета ниту мемориската конфигурација.

Што се однесува до батеријата, европската верзија на Xiaomi 17 Ultra ќе има батерија со капацитет од 6.000 mAh, што е значително помалку во однос на 6.800 mAh колку што има батеријата во кинеската верзија. Исто така, телефонот кај нас ќе може да се купи во бела, црна и зелена боја, додека виолетовата варијанта ќе остане ексклузивна за кинескиот пазар.
Официјалниот датум на европското претставување на Xiaomi 17 Ultra ќе биде обелоденет наскоро, но се очекува уредот да биде објавен пред или за време на претстојниот Мобилен конгрес во Барселона – MWC 2026.


