Квадратниот сензор на предната камера овозможува еднаков квалитет на снимање во портретен и пејзажен режим, без потреба од физичко вртење на мобилниот телефон, со што се добива поголема флексибилност во кадрирањето.
Откако Apple со iPhone 17 воведе квадратен сензор за предната камера, се чини дека на овој тренд наскоро би можеле да му се приклучат и кинеските производители. Според нови гласини, Huawei и Oppo тестираат 1:1 сензори за предни камери во своите претстојни мобилни телефони.
Оваа информација ја пренесува познатиот кинески аналитичар и „ликер“ Digital Chat Station, кој наведува дека квадратниот сензор за предната камера би можел да се појави веќе во претстојната серија мобилни телефони Huawei Nova 16, која и онака е фокусирана на фотографијата.

Oppo, од друга страна, наводно планира да имплементира квадратен сензор за предната камера во своите најмоќни flagship модели, а како прв кандидат се споменува серијата Find X10. Според истиот извор, решението на Oppo би требало да биде технолошки понапредно дури и од она што го претстави Apple, иако не е целосно јасно што точно би значело тоа.
Да потсетиме, Apple сите модели на iPhone 17 ги опреми со 18-мегапикселна предна камера со квадратен 1:1 сензор и поддршка за автоматски зум. Предноста на овој формат е можноста за поприродно снимање во портретен и пејзажен режим, без потреба од физичко вртење на уредот.
Доколку ваков тип на сензор навистина го имплементираат кинеските производители, многу е веројатно дека тоа ќе стане нов стандард за предните камери на мобилните телефони.


