Microsoft би можел да ја лансира Xbox конзолата од следната генерација во текот на 2027 година, откри извршната директорка на AMD, Лиса Су, за време на последниот финансиски извештај на компанијата.
Valve е на пат да започне со испорака на својот Steam Machine, базиран на AMD „погон“, на почетокот од оваа година, откри Су, додека развојот на Xbox кај Microsoft, со полуприлагоден процесор од AMD, „добро напредува со цел да овозможи лансирање во 2027 година“. Иако ова не мора да значи дека Microsoft веќе следната година ќе претстави нова Xbox конзола, се чини дека тоа е моменталната цел на компанијата.
Претседателката на Xbox, Сара Бонд, уште во средината на 2025 година најави повеќегодишно партнерство меѓу Microsoft и AMD за нивните конзоли. Според нејзината тогашна изјава, Microsoft ќе ја прифати употребата на вештачка интелигенција и машинско учење во идните Xbox игри. Таа исто така изјави дека компаниите „заеднички ќе развиваат чипови“ за сите уреди „во дневната соба и во рацете“, што имплицира развој на идни рачни конзоли.

Претходно откриени документи од судската битка меѓу FTC и Microsoft покажаа дека Microsoft планира следниот Xbox да биде „хибридна гејминг платформа“, која ќе комбинира локален хардвер и cloud-компјутинг. Во документите исто така се наведува дека Microsoft планирал лансирање на следниот Xbox во 2028 година. Останува да се види дали компанијата одлучила да го забрза лансирањето, но тоа е можно, со оглед на тоа што Xbox Series X и S, кои се појавија во 2020 година, не се продаваа толку добро како Xbox One.


