Иако технолошки понапредни, Fold моделите се продаваа послабо од Flip, најмногу поради високата цена. Samsung сега смета дека со новите модели тоа ќе биде поинаку.
Samsung оваа година би можел да го промени досегашниот „однос на сили“ во својата понуда на преклопни мобилни телефони. Според информациите што ги објави познатиот ликер Ice Universe, јужнокорејскиот производител очекува Galaxy Z Fold 8 за првпат по продажба да го надмине поповолниот Galaxy Z Flip 8.
Имено, Samsung за оваа година планира да произведе околу 3,5 милиони примероци од Galaxy Z Fold 8, додека производството на Galaxy Z Flip 8 би требало да изнесува меѓу 2,5 и 3 милиони единици. Токму од ваквите производствени цели може да се заклучи дека Samsung очекува поголем интерес кај купувачите за новиот Fold.

Во овие бројки, наводно, не е вклучен новиот преклопен модел со поголем формат, засега познат под работното име Galaxy Wide Fold, за кој се споменува производствена цел од околу еден милион примероци и кој би требало директно да му конкурира на најавениот iPhone Fold.
Сепак, и покрај овие информации, треба да се нагласи дека станува збор исклучиво за проценки на производството, а не за реална продажба, па пазарот допрва ќе покаже дали очекувањата на Samsung ќе се остварат. Новите преклопни мобилни телефони на Samsung се очекуваат дури на лето.
