Речиси девет години по официјалното излегување на пазарот, Switch стана најпродаваната конзола на Nintendo, со што претходниот рекордер, Nintendo DS, падна на второто место.
И покрај тоа што Nintendo Switch 2 веќе извесно време е на пазарот, дел од купувачите и понатаму се одлучуваат за првата генерација на конзолата. Според најновите официјални податоци, продажбата на Nintendo Switch достигна 155,37 милиони примероци, со што е надминат досегашниот рекордер Nintendo DS, кој го заврши својот животен циклус со 154,02 милиони продадени единици.
Освен хардверот, импресивни се и бројките за продажба на игри. Првиот Switch е далеку пред конкуренцијата со дури 1,5 милијарди продадени наслови. За споредба, Nintendo DS достигна 948,76 милиони, додека третото место му припадна на Nintendo Wii со 921,85 милиони продадени игри, и покрај помалата вкупна продажба на самата конзола.

Што се однесува до Switch 2, тој за помалку од еден месец достигна 6 милиони продадени примероци, а моментално е на вкупно 17,37 милиони.
Сепак, иако Switch е најпродаваната конзола на Nintendo на сите времиња, апсолутен рекордер на пазарот и понатаму е PlayStation 2, кој во текот на својот долг животен век е продаден во 160 милиони примероци. PlayStation 2 исто така е пред Switch и по бројот на продадени игри, со вкупно 1,54 милијарди.


