Разговаравме со Марија Ристовска, проектна менаџерка во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) и раководителка на Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA), за развојот на е-трговијата, улогата на AI и дигиталната зрелост на домашните компании.
Разговараше: НИКОЛА БУРАГЕВ
Е-трговијата во Македонија повеќе не е „иднина“, туку реалност што забрзано се менува под влијание на новите технологии, дигиталните навики на купувачите и потребата од поголема конкурентност на регионално и европско ниво. Од вештачка интелигенција и автоматизација, преку аналитика и дигитални вештини, па сè до инклузивни работни средини – пред домашните компании стојат сериозни предизвици, но и големи можности.
За тоа каде реално се наоѓа македонскиот е-commerce екосистем денес, каде „чкрипиме“, а каде имаме потенцијал за брз исчекор, разговараме со Марија Ристовска, проектна менаџерка во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) и раководителка на Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA), која одблиску ги следи трендовите, податоците и луѓето што ја движат дигиталната трансформација.

Е-трговијата во Македонија последниве години забрзано се развива — кои се клучните технолошки трендови што моментно го менуваат начинот на кој компаниите продаваат и комуницираат со купувачите?
Марија: Во светски рамки, во е-трговијата последниве години доминираат трендови како автоматизацијата со помош на AI, персонализацијата базирана на податоци и , социјалната трговија (social commerce) кои значително го менуваат начинот на продажба и комуникација со купувачите. Кај нас, фокусот во моментов е насочен кон поголема употреба на дигитални плаќања, подобрување на корисничкото искуство и постепено воведување на AI алатки за олеснување на работата, особено во делот на content creation, customer support и маркетинг активности. Овие промени им помагаат на компаниите да работат поефикасно и да се приближат до глобалните е-commerce стандарди.
Од позиција на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ, каде реално сме како држава во однос на дигиталната зрелост на компаниите во споредба со регионот и ЕУ? Каде најмногу „чкрипиме“, а каде сме пријатно изненадување?
Марија: Од позиција на АЕТМ, дигиталната зрелост на компаниите во Македонија е во фаза на раст, но сè уште заостанува зад просекот на ЕУ и некои пазари во регионот. Најмногу „чкрипиме“ кај дигиталните плаќања, каде што сè уште има значителен удел на плаќање во кеш при достава и нееднакво прифаќање на дигитални методи, како и кај доставата, која не е целосно стандартизирана и доволно брза. Дополнително, користењето податоци за аналитика и персонализација сè уште е на поосновно ниво, со ограничена примена на напредни алатки. Сепак, пријатно изненадување е растот на е-commerce заедницата, посетеноста на настани поврзани со е-трговија и зголемениот интерес за нови технологии, особено за AI алатки и автоматизација. Со континуирани инвестиции во дигитални вештини и инфраструктура, потенцијалот за побрзо приближување до европските стандарди е реален.
Минатата година се одржа 8-мото издание на Конференцијата за е-трговија, кое донесе силен фокус на регионална поврзаност и дигитална зрелост на пазарот. Кои беа клучните поенти и лекции од тоа издание, и што можеме да очекуваме од 9-тото издание оваа година, особено во контекст на новите технологии како AI и автоматизацијата?
Марија: Осмото издание на Конференцијата за е-трговија, со повеќе од 900 учесници од целиот регион, испрати јасна порака дека пазарот во Македонија и поширокиот регион влегува во фаза на поголема дигитална зрелост и засилена регионална поврзаност. Иако сè уште е релативно рано да се зборува во детали за 9-тото издание, јасно е дека фокусот ќе биде насочен кон теми поврзани со AI и автоматизацијата во е-трговијата. Акцентот ќе биде ставен на нивната практична примена и на тоа како овие технологии можат да им помогнат на компаниите да работат поефикасно и да понудат подобро корисничко искуство.

AI веќе сериозно влегува во е-трговијата, од препораки, четботови до автоматизација на маркетинг и логистика. Како македонските компании го користат вештачкото интелигенција денес и кои се најголемите можности (и ризици) што ги гледате?
Марија: Денес, македонските компании најчесто ја користат вештачката интелигенција во поосновни и практични форми, преку алатки за content creation, автоматизација на маркетинг активности, оптимизација на реклами и customer support преку четботови. Сè уште ретко се користат напредни AI решенија за длабока персонализација, динамички цени или логистика, но интересот за вакви решенија и експериментирањето растат. Најголемите можности се во подобрување на ефикасноста, намалување на оперативните трошоци и подобро корисничко искуство, особено за мали и средни компании кои со AI можат да постигнат резултати со помали тимови. Од друга страна, ризиците се поврзани со прекумерна автоматизација без стратегија, неквалитетна или неконтролирана содржина, како и недоволно разбирање на податоците и етичките аспекти. Затоа, сметам дека е клучно вештачката интелигенција да се користи како поддршка на човечката експертиза, а не како нејзина замена.
Еден од големите предизвици е недостигот од дигитален кадар. Колку STEM образованието и практичните дигитални вештини се клучни за иднината на е-трговијата и дигиталната економија кај нас?
Марија: Недостигот од дигитален кадар е еден од најголемите предизвици за развојот на е-трговијата и дигиталната економија кај нас. STEM образованието е важна основа, но уште поважно е континуираното надградување на знаењата преку следење на глобалните трендови, практични работилници и учество на домашни и меѓународни конференции.
Инвестирањето во практични обуки, преквалификации и континуирано учење овозможува развој на дигитални вештини поврзани со е-трговијата, автоматизацијата, анализата на податоци и корисничкото искуство, што сметам дека е клучно за создавање конкурентен кадар
Каква улога имаат податоците и аналитиката во носењето бизнис одлуки кај домашните е-трговци? Дали компаниите доволно ги користат овие алатки или сè уште работат „по чувство“?
Марија: Податоците и аналитиката имаат клучна улога во носењето информирани бизнис одлуки во е-трговијата, но кај домашните е-трговци сè уште постојат значителни разлики во нивното користење. Дел од компаниите веќе активно ја применуваат аналитиката за следење на однесувањето на купувачите, перформансите на кампањите и конверзиите, додека голем број сè уште донесуваат одлуки врз основа на чувство (како мислат дека ќе е најдобро) или врз основа на ограничени податоци. Потребно е дополнително вложување во дигитални вештини на тимот и подобро разбирање на податоците, со цел аналитиката да стане стандардна алатка, а не исклучок во носењето бизнис одлуки. Домашните е-трговци кои ќе започнат поактивно да ги користат податоците ќе имаат јасна конкурентска предност пред останатите на пазарот.

Преку Алијансата за родова еднаквост (GEA) работите со компании на градење поинклузивни работни средини, дали технолошкиот сектор е поподготвен за оваа промена или тука проблемите се уште подлабоки?
Марија: Технолошкиот сектор генерално е поподготвен за градење поинклузивни работни средини, пред сè поради изложеноста на меѓународни пазари, глобални стандарди и пофлексибилни начини на работа. Кај дел од компаниите веќе постои свест за важноста на родовата еднаквост, транспарентните политики и инклузивната организациска култура како фактори за одржлив раст. Сепак, и во технолошкиот сектор сè уште постојат структурни предизвици, особено во однос на застапеноста на жени во управните и надзорните одбори и справувањето со несвесните стереотипи. Затоа, иако технолошките компании имаат потенцијал да бидат двигатели на позитивни промени, потребна е континуирана работа и активна посветеност за инклузивноста да стане секојдневна практика, а не само декларативна заложба, што на долг рок претставува и основа за побрз и поодржлив бизнис развој.
Колку дигитализацијата и remote work културата можат реално да помогнат за поголема инклузија на жени и млади во технолошките и е-комерц професии?
Марија: Дигитализацијата и remote work културата имаат голем потенцијал реално да придонесат за поголема инклузија на жени и млади во технолошките и професии со е-трговија. Флексибилните модели на работа, како remote или hybrid, сè повеќе стануваат стандард на глобално ниво, па дури и концепти како 4-дневна работна недела, што отвораат нови можности за подобар баланс меѓу приватниот и професионалниот живот. Ова е особено значајно за жените, вклучително и оние со мали деца, но и за младите кои полесно можат да влезат на пазарот на труд без физички ограничувања. Дополнително, ваквите модели можат да бидат и дел од решението за иселувањето на младите, доколку се поддржат со активни мерки за стартапи, дигитални бизниси, зајакнување на дигитални вештини и локални можности за работа со меѓународни пазари. Во тој контекст, сметам дека ова треба свесно и стратешки да се искористи.

Кои конкретни проекти или иницијативи на АЕТМ во моментов имаат најголем потенцијал да ја забрзаат дигиталната трансформација на домашните компании?
Марија: Неколку иницијативи на АЕТМ имаат реален потенцијал да ја забрзаат дигиталната трансформација на домашните компании. Пред сè, тоа се едукативните настани и обуки за е-трговија и зајакнување на дигиталните вештини, кои се насочени кон практична примена. Дополнително, регионалната конференција за е-трговија и другите настани за вмрежување играат клучна улога во пренос на знаење, споделување добри практики и поврзување на домашните компании со регионални и меѓународни експерти. Важен сегмент се и проектите поддржани од приватниот сектор и меѓународни партнери, кои овозможуваат воведување иновативни дигитални решенија и градење капацитети кај малите и средни компании. Преку овие иницијативи, АЕТМ не работи само на подигнување на свесноста, туку и на создавање конкретни услови компаниите побрзо и поодржливо да се прилагодат на трендовите во дигиталната економија.
Ако гледаме 3–5 години однапред: како ќе изгледа македонската е-трговија во 2030 година и која улога ќе имаат технологиите како AI, автоматизацијата и cross-border платформите во таа слика?
Марија: Ако гледаме 3–5 години однапред, македонската е-трговија до 2030 година ќе биде значително позрела, поинтегрирана и поотворена кон регионалните и европските пазари. Очекувам поголем удел на дигитални плаќања, подобрена логистика и посилен фокус на корисничкото искуство, со сè помал простор за импровизација и „основни“ модели на работа. Мислам дека AI и автоматизацијата ќе имаат клучна улога во креирањето на попаметен маркетинг и креирање на содржини, автоматизирана корисничка поддршка и поефикасно управување со процесите. Дополнително, очекувам напредок во креирањето политики за олеснување на прекуграничната е-трговија на ниво на Западен Балкан, што ќе им овозможи на македонските компании полесен пристап до регионалните пазари и ќе го зголеми потенцијалот за раст надвор од домашниот пазар. Компаниите што навреме ќе инвестираат во технологија, анализа на податоци и зајакнување на дигиталните вештини на своите тимови ќе бидат оние што ќе ја водат е-трговијата во 2030 година, додека останатите ќе се соочат со сè поголем притисок да се адаптираат.


