Европската комисија го обвини TikTok дека намерно ја дизајнирал својата апликација на начин што поттикнува зависничко користење, наведувајќи функции како бесконечно скролање, автоматско пуштање видеа, push-нотификации и алгоритам за препораки. Од друга страна, TikTok ги негираше овие наводи.
Во прелиминарните наоди од истрагата за усогласеност со европскиот Закон за дигитални услуги (Digital Services Act – DSA), Комисијата наведе дека TikTok не направил соодветна проценка за тоа како дизајнерските одлуки можат негативно да влијаат врз благосостојбата на корисниците, особено на малолетниците и ранливите групи.
Како проблематични индикатори се истакнуваат ноќното користење на апликацијата и зачестеното отворање во текот на денот.
Во соопштението на Комисијата се наведува дека одредени функции на апликацијата ги „наградуваат“ корисниците со постојано нова содржина, што може да доведе до компулсивно однесување и намалување на самоконтролата.
Поради тоа, од TikTok се бара измена на основниот дизајн на корисничкиот интерфејс, вклучително и исклучување на бесконечното скролување, воведување задолжителни паузи за време на користењето, како и промени во системот за препораки.

TikTok ги отфрли обвинувањата, наведувајќи дека прелиминарните наоди се „категорично неточни и неосновани“, и порача дека ќе ги искористи сите правни механизми за да ги оспори заклучоците на Комисијата.
Од компанијата наведуваат и дека TikTok нуди алатки за управување со времето поминато пред екран и родителски контроли, но Европската комисија смета дека овие мерки не се доволно ефикасни, бидејќи лесно можат да се заобиколат и бараат дополнителен ангажман од родителите.
Овие обвинувања доаѓаат во момент кога социјалните мрежи ширум светот се под засилен надзор од регулаторите.
TikTok сега има рок да одговори на прелиминарните наоди на Европската комисија, а потврдено прекршување на правилата на DSA може да резултира со казни до шест проценти од глобалниот годишен приход на компанијата.

