Корисниците на WhatsApp Web наскоро ќе можат да остваруваат гласовни и видеоповици, нешто што досега беше поддржано само преку наменската десктоп апликација.
WhatsApp Web почнува да добива поддршка за гласовни и видеоповици, со што конечно се отстранува едно од најголемите ограничувања при користењето на WhatsApp преку интернет-прелистувач.
Како што дознава WABetaInfo, станува збор за индивидуални гласовни и видеоповици, односно разговори еден-на-еден. Со други зборови, групните повици засега не се достапни, но се очекува да пристигнат подоцна, со поддршка за разговори со до 32 учесници.

Од функциите што вреди да се споменат, се истакнува дека корисниците ќе можат да го споделуваат својот екран, со што WhatsApp Web дополнително се приближува до можностите на десктоп апликацијата.
Од WhatsApp нагласуваат дека сите повици преку веб-верзијата автоматски се заштитени со end-to-end енкрипција, со што се задржува истото ниво на приватност како и на мобилните уреди. Функцијата ќе им биде достапна на сите корисници во наредните недели.

