Кинескиот производител објави детали за новата 5C генерација батерии кои задржуваат 80% од капацитетот по 3.000 циклуси на полнење, овозможувајќи им на електричните автомобили исклучително долг век и ултрабрзо полнење.
Еден од водечките светски производители на батерии за електрични автомобили, кинескиот CATL, објави амбициозни податоци за својата нова батериска платформа наречена 5C. Според нивните наводи, овие батерии можат да издржат до 3.000 целосни циклуси на полнење и празнење со задржување на 80% од првичниот капацитет во идеални услови. Тоа значи дека нивниот животен циклус е еквивалентен на поминато растојание од околу 1,8 милиони километри, што е речиси шест пати повеќе од актуелниот индустриски просек.

Ќе го надживее и возилото
Кинеската компанија наведува дека 5C батеријата може целосно да се наполни на брз полнач за околу 12 минути. Досега се сметаше дека честото ултрабрзо полнење значително ја забрзува деградацијата на литиум-јонските ќелии, но CATL тврди дека нивните инженери успеале да го решат овој проблем преку иновативни материјали и напреден систем за управување со топлината.
Посебен акцент е ставен на отпорноста на батеријата при високи температури. Тестирањата покажале дека дури и при константна температура од 60°C, што симулира екстремни пустински услови, батеријата задржува 80% од капацитетот по 1.400 циклуси, односно овозможува возење од околу 840.000 километри. Тоа и понатаму го надминува животниот век на повеќето денешни комерцијални електрични возила и нивните компоненти.

Клучни иновации
Три клучни технолошки решенија се заслужни за овие резултати. Првото е погуст и порамномерен слој на катодата што ја намалува нејзината структурна деградација. Второто решение вклучува адитиви во електролитот кои „самозалечуваат“ микро-пукнатини, додека третата иновација е сепаратор со материјали што реагираат на промени во температурата. Со овие методи драстично се намалува губењето на литиумови јони при интензивна работа.
Покрај хемискиот состав, CATL го надгради и системот за управување со батеријата (BMS). Новиот софтвер овозможува активно насочување на течноста за ладење директно кон критичните точки во батерискиот пакет каде што доаѓа до прегревање. Така се обезбедува рамномерна температура на целиот систем, што е клучно за долговечноста, особено при користење полначи со голема моќност, која може да достигне и до 400 kW.
Иако овие податоци предизвикаа голем интерес во автомобилската индустрија, CATL сè уште официјално не го потврди точниот датум на почеток на масовното производство, ниту моделите на автомобили во кои овие батерии прво ќе бидат вградени. Аналитичарите предвидуваат дека примарната примена би можела да биде во комерцијални возила со висока фреквенција на користење, како такси-возила, доставни возила и тешки камиони, каде што брзата регенерација на енергијата со минимално трошење на батеријата е клучна за профитабилноста.
