Discord од следниот месец глобално воведува задолжителна проверка на возраста. Сите корисници стандардно ќе бидат поставени во „teen“ режим, а за пристап до чувствителна содржина и напредни поставки ќе биде потребна потврда за полнолетност.
Комуникациската платформа Discord најави дека од следниот месец започнува со глобално воведување систем за проверка на возраста на корисниците. Според новите правила, сите корисници по дифолт ќе бидат сместени во корисничко искуство прилагодено за тинејџери, освен ако не ја докажат својата полнолетност. Проверката на возраста ќе биде задолжителна за промена на одредени безбедносни поставки и за пристап до содржина означена како возрастно ограничена.
Новите мерки значат дека корисниците ќе мора да потврдат дека се полнолетни за да можат да го исклучат заматувањето на чувствителна содржина и да пристапат до возрастно ограничени канали, сервери и апликациски команди. Дополнително, пораките од лица кои корисникот можеби не ги познава автоматски ќе се пренасочуваат во посебно сандаче, а само проверени возрасни корисници ќе можат да ја менуваат таа поставка. Платформата ќе воведе и предупредувања за барања за пријателство од непознати лица, а исклучиво полнолетните корисници ќе имаат можност да зборуваат на виртуелни сцени (stage channels) во рамки на серверите.

Начини на проверка и приватност на податоците
За да ја завршат проверката на возраста, корисниците ќе треба да изберат еден од два методи – проценка на возраста со помош на технологија за препознавање лице или испраќање документ за идентификација до партнерските компании на Discord. Од компанијата напоменуваат дека во иднина планираат да додадат и други опции за проверка. Во одредени случаи, кога за утврдување на возрасната група ќе бидат потребни дополнителни информации, од корисниците може да се побара користење повеќе методи.
Како што наведува TechCrunch, Discord го нагласува и аспектот на приватноста. При проценка на возраста преку лице, корисниците снимаат видео-селфи кое, според тврдењата на компанијата, никогаш не го напушта нивниот уред. Исто така, истакнуваат дека документите за идентификација испратени до нивните партнери се бришат многу брзо, во повеќето случаи веднаш по потврдата на возраста.
„Воведувањето на стандардни поставки за тинејџери на глобално ниво ја надградува постојната безбедносна архитектура на Discord, обезбедувајќи силна заштита за тинејџерите, додека на проверените возрасни лица им овозможува флексибилност“, изјави Savannah Badalich, раководител за политика на производи во Discord.
Промените на Discord стапуваат во сила на почетокот на март, а и новите и постојните корисници ќе мора да го поминат процесот на проверка за да пристапат до возрастно ограничена содржина и да ги искористат сите можности на платформата.



