По протекувањата на информации, гласините и шпекулациите, компанијата Samsung го потврди 25 февруари како датум за одржување на настанот Unpacked, на кој во Сан Франциско ќе ја претстави Galaxy S26 серијата телефони, а на интернет се појавија и спецификациите на сите три претстојни уреди.
Како што беше најавено преку тизерите на Samsung, главниот фокус оваа година ќе биде на вештачката интелигенција, бидејќи хардверот не е значително променет во споредба со семејството Galaxy S25.
Galaxy S26 и S26+ во Европа наводно ќе работат со процесорот Exynos 2600, додека S26 Ultra ќе го има процесорот Snapdragon 8 Elite Gen 5 „for Galaxy“ со благо оверклокувани Prime CPU јадра. Моделите S26 и S26+ ќе располагаат со 12 GB RAM меморија, додека Ultra ќе оди до 16 GB, но само кај верзијата со 1 TB простор за складирање. Основната верзија на моделот S26 ќе нуди 256 GB интерна меморија. Екраните се со идентична големина и резолуција како кај серијата S25, а сите ќе користат Gorilla Armor 2 стакло.

Единствено зголемување на капацитетот на батеријата добива S26, и тоа 300 mAh повеќе во споредба со претходникот. Капацитетот на батеријата кај останатите два модели нема да се менува, но Ultra ќе се полни со брзина до 60W преку жичен полнач. Ниту еден од трите модели нема да има вградени магнети за безжично Qi2 полнење.
Сите три модели ќе ја добијат истата селфи камера од 12 MP со отвор на бленда f/2.2 и PDAF. S26 и S26+ ќе имаат идентичен заден систем на камери, односно главна камера од 50 MP со отвор на бленда f/1.8, која користи 1/1.56-инчен сензор, камера од 10 MP со 3x оптички зум и отвор f/2.4 со 1/3.94-инчен сензор и ултраширока камера од 12 MP со отвор f/2.2, без автофокус.
Galaxy S26 Ultra ќе располага со главна камера од 200 MP со отвор f/1.4, истата камера од 10 MP со 3x оптички зум како и другите два модели, перископска телефото камера од 50 MP со 5x оптички зум и отвор f/2.8 која користи 1/2.52-инчен сензор, како и ултраширока камера од 50 MP со отвор f/1.9, која користи 1/2.5-инчен сензор со автофокус.
Цените во ЕУ, наводно, ќе започнуваат од 999 евра за S26, 1.269 евра за S26+ и 1.469 евра за S26 Ultra.



