Samsung детално ја објасни QD-OLED Penta Tandem технологијата, која носи околу 30% поголема осветленост и речиси двојно подолг работен век на OLED панелите.
Samsung ги откри техничките детали за новата генерација QD-OLED панели што ќе се користат во неговиот flagship OLED телевизор за 2026 година, моделот S95H. Според наводите на компанијата, новите панели ќе бидат околу 30% посветли во однос на претходниот модел S95F, но уште позначајна новина е значително продолжениот работен век, кој би требало да биде речиси двојно подолг.
Новата технологија го носи името QD-OLED Penta Tandem и е развиена во рамки на дивизијата Samsung Display. Називот „Penta“ укажува на клучната промена во структурата на панелот: бројот на сини светло-емитувачки слоеви е зголемен од четири на пет. Бидејќи синиот слој е основниот извор на светлина кај QD-OLED технологијата, неговото унапредување директно влијае и на осветленоста и на енергетската ефикасност.

QD-OLED Penta Tandem носи поголема осветленост и подолг век на панелот
Според објаснувањето на Samsung, поголемиот број органски слоеви овозможува повисока светлосна ефикасност. Во пракса, тоа значи дека панелот може да постигне поголема максимална осветленост при иста потрошувачка на енергија, или да задржи иста осветленост со помала потрошувачка. Компанијата овој пристап го споредува со распределба на товарот на повеќе луѓе, при што се постигнува поголема издржливост или подобар учинок.
Резултатот од оваа петслојна структура е околу 1,3 пати поголема осветленост во однос на минатогодишните QD-OLED панели, како и речиси двојно подолг очекуван животен век. Теоретскиот максимум на осветленост достигнува и до 4.500 нита кај телевизорите, додека мониторите можат да достигнат до околу 1.300 нита, иако во реални услови се очекуваат пониски вредности.

Во пракса, зголемувањето од 30% во однос на S95F значи дека новиот Samsung OLED телевизор би можел да достигне околу 2.700–2.800 нита при максимална осветленост, што и понатаму е исклучително висока вредност за OLED технологијата. Samsung Display планира во текот на 2026 година да ја прошири понудата на Penta Tandem панели на повеќе дијагонали, вклучително и големи телевизори, како и ултрашироки монитори со висока резолуција.
Оваа технолошка надградба потврдува дека Samsung сериозно ги поместува границите на OLED технологијата, не само преку поголема осветленост, туку и преку подобрена долговечност на панелите – што е едно од клучните барања на корисниците во премиум ТВ сегментот, пренесува TechRadar.
