Apple наводно следниот месец ќе го претстави својот поволен MacBook, кој ќе биде нешто помал од 13 инчи и ќе има чипсет од iPhone 16 Pro.
Веќе подолго време се шпекулира дека Apple работи на нов, подостапен MacBook со A18 Pro SoC од iPhone, кој – доколку им се верува на најновите информации на Mark Gurman од Bloomberg – би требало да биде претставен веќе следниот месец.
Иако можеби станува збор за лаптоп со SoC од сега веќе една генерација стар модел, iPhone 16 Pro, перформансите би требало да бидат на ниво на Apple M1 чипот. И покрај тоа што M1 е на пазарот од 2020 година, оние кои сè уште користат MacBook Air од тој период знаат дека и понатаму се покажува одлично, барем кога станува збор за секојдневни задачи како сурфање на интернет или консумирање содржина.

Од останатите спецификации, Гурман наведува дека поевтиниот MacBook ќе има екран нешто помал од 13 инчи и нема да има пластично куќиште, иако тоа би било едно од логичните решенија за намалување на трошоците. Наместо пластика, Apple наводно развил нов процес за изработка на алуминиумско куќиште, кој е значително побрз и поисплатлив од оној што се користи кај актуелните модели на MacBook Air и MacBook Pro.
На крајот, Гурман истакнува дека Apple со овој модел планира да понуди и неколку поатрактивни бои што особено ќе им се допаднат на помладите корисници. Иако конечните варијанти сè уште не се потврдени, се наведува дека Apple тестирал жолта, зелена, сина, розова, сребрена и темносива боја.
Цената во САД би требало да изнесува 699 долари. Кај нас ќе биде нешто повисока.



