Социјалната мрежа X се соочува со уште една истрага поврзана со четботот Grok, која се однесува на креирање фотографии од сексуален карактер без согласност на оваа платформа.
Ирската Комисија за заштита на податоци (DPC) најави истрага во врска со штетни, интимни фотографии и обработка на лични податоци на поединци од ЕУ и ЕЕА, вклучително и деца.
Во период од 11 дена, X генерирал околу три милиони сексуализирани фотографии, а се проценува дека меѓу нив имало 23.000 фотографии од деца. Британската непрофитна организација Center for Countering Digital Hate (CCDH) минатиот месец ги објави резултатите од својата анализа за периодот од 29 декември до 9 јануари.
Клучно прашање во истрагата ќе биде дали X ги прекршил законите за заштита на податоците.
„DPC соработува со XIUC откако пред неколку недели се појавија медиумски извештаи за наводната можност корисниците на X да го поттикнат профилот @Grok на X да генерира сексуализирани фотографии од реални лица, вклучително и деца. Како водечко надзорно тело за XIUC во целата ЕУ/ЕЕА, DPC започна обемна истрага која ќе ја испита усогласеноста на XIUC со некои од нивните основни обврски според GDPR во врска со овие прашања“, изјави заменик-комесарот на DPC, Греам Дојл, мислејќи на X под неговото целосно име X Internet Unlimited Company (XIUC).

Истрагата на DPC би можела да има последици за X на ниво на целата ЕУ, а воедно се надоврзува на слични истраги во Унијата. Во јануари, Европската комисија покрена истрага за тоа дали X го прекршил Законот за дигитални услуги. Се испитува дали X соодветно ги „проценил и ублажил“ ризиците поврзани со Grok на платформата, вклучително и ширење нелегална содржина како што се сексуално експлицитни фотографии генерирани со вештачка интелигенција без согласност. Повторно, ова вклучува и фотографии од деца.
X во средината на јануари тврдеше дека го спречува Grok да уредува фотографии од реални лица со цел да им додаде провокативна облека. Сепак, се чини дека тоа не е целосно точно. Претходно овој месец, еден новинар откри дека Grok и понатаму ги „облекува“ лицата во откривачка облека, па дури и додава видливи гениталии.



