Кинески научници постигнаа 120 Gbps во ласерската комуникација сателит Земја, удвојувајќи ја брзината без никакви хардверски измени на сателитот.
Институтот за иновации во областа на воздухопловно-вселенските информации (AIR) во Кина неодамна успешно заврши револуционерен експеримент во реални работни услови, со кој брзината на ласерската комуникација меѓу сателит и Земјата беше зголемена на 120 Gbps. Со тоа е поставен нов рекорд во областа на високо-брзински пренос на податоци од вселената.
Експериментот беше реализиран со користење на сопствено развиена ласерска земјена станица со пречник од 500 милиметри, поставена на Памирското плато во кинеската покраина Синџијанг, која директно комуницирала со сателитот AIRSAT-02.
Ласерска комуникација од 120 Gbps без хардверски измени
Особено значајно е тоа што на самиот сателит AIRSAT-02 не била извршена ниту една физичка хардверска модификација. Инженерскиот тим, исклучиво преку софтверска реконфигурација на системот во орбитата, успеал да го зголеми пропусниот опсег од претходните 60 Gbps на дури 120 Gbps, со што практично е удвоена способноста за пренос на податоци.

Резултатите од тестирањето потврдиле висока стабилност и ефикасност на системот. Сателитот и земјената станица воспоставувале врска во рок од неколку секунди, со стапка на успешност поголема од 93%. Максималното непрекинато времетраење на комуникацијата изнесувало 108 секунди, при што биле пренесени вкупно 12,656 терабити податоци, односно приближно 1,5 терабајти.
Главниот технички раководител на проектот сликовито го објаснил значењето на овој технолошки исчекор. Според него, ако достигнувањето од 10 Gbps во 2023 година било како тесен мост за еднонасочен сообраќај, тогаш 120 Gbps е еквивалент на изградба на автопат со повеќе ленти, што бара не само екстремна брзина на пренос, туку и исклучително ефикасно паралелно управување со огромни количини податоци.
Овој резултат претставува голем чекор напред за идните сателитски мрежи, преносот на големи количини податоци од вселената, како и за примена во областа на далечинско набљудување, вселенски истражувања и глобални комуникациски системи.



